Струшкото обвинителство води постапка и против малолетник роден 2005 година кој се обидел изврши полов однос со употреба на сила врз девојче родено 2009 година
Основното јавно обвинителство Струга поведе истрага против две лица на возраст од 56 и 68 години осомничени за силување на малолетно девојче, прикажување порнографски материјал на дете и задоволување полови страсти пред друг.

Во рамките на истрагата, како што се соопштува, поднесено е барање за поведување подготвителна постапка и против еден малолетник.
Како што произлегува од соопштението, станува збор за три одвоени случаи.
Од Јавното обвинителство информираат дека во текот на испитувањето на случајот со првоосомничениот, кој се товари за силување, бил формиран посебен тим од полициски службеници, експерти од Центарот за социјални работи и стручни лица за детска психијатрија и психологија.
„Беа обезбедени докази кои упатуваат дека првиот осомничен во текот на 2018 и 2019 година, во неколку наврати извршил други полови дејствија врз девојче родено во 2009 година. Тој дејствијата ги вршел во неговиот и во домот на оштетената искористувајќи блиски релации и момент кога родителите на девојчето не биле во близина. Од тие причини тој е осомничен за продолжено кривично дело – силување на дете кое не наполнило 15 години“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Вториот осомничен, велат од Обвинителството, во текот на пролетта 2022 година, додека продавал прехранбени производи во близина на основно училиште, искористил момент кога две девојчиња родени 2009 година дошле кај него за да купат храна и од својот мобилен телефон им прикажувал снимки со порнографска содржина.
„Жртвите тој ги допирал и ги наведувал да вршат полови дејствија пред него“,
велат од Јавното обвинителство.
Малолетникот, роден 2005 година и кој е во судир со законот, како што се наведува, се обидел изврши полов однос со употреба на сила врз девојче родено 2009 година.
„Жртвата го удрила за да се одбрани, по што тој започнал да ја влече и да ја носи зад училишната зграда. Оштетената давала отпор цело време и барала помош. Тој ја соборил со сила на земја и започнал да ја допира, но престанал бидејќи се приближиле други деца“,
се наведува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струга доставил предлог за определување мерка притвор и за двајцата полнолетни осомничени и за малолетникот, бидејќи се проценува дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците и жртвите или да го повторат делото.