Веќе е почнат вонреден надзор за тоа што се случило во Битола, директорот е веќе на пат за Скопје каде што ќе има состанок со министерот и заменик-министерката за здравство, вели премиерот Ковачевски
За случајот постапува и обвинителството, но оттаму велат дека сè уште не е утврдена причината за смртта на девојчето
Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и јавен обвинител постапуваат во случајот со смртта на шестгодишната Јана во болницата во Битола. Директорот на болницата Александар Обедниковски, пак, е на пат за Скопје каде што треба да се сретне со министерот за здравство Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева.
„Разговаравме и вчера и утрово со министерот, тука е и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, веќе е почнат вонреден надзор за тоа што се случило во Битола, директорот е веќе на пат за Скопје каде што ќе има состанок со министерот и заменичката, а информирано е и јавното обвинителство. Сите детали, откако ќе ги имаат, ќе бидат споделени со јавноста. Тие треба да се врз основа на факти, да се утврди објективната состојба и врз основа на нив да се направат соодветни санкции таму каде што ќе биде потребно“,
рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот Меџити, исто така, нагласи дека инспекциските служби се на терен и ќе ја информираат јавноста откако ќе има информации.
Со директорот на болницата разговарал веќе и телефонски, а со семејството на Јана сè уште не, но вели дека тоа ќе го направат откако прво ќе видат што ќе покаже инспекцијата.
За случајот уште вчера имаше информации дека е извесен јавен обвинител и телото е дадено на обдукција, но засега нема повеќе информации.
„Основното јавно обвинителство Битола издава наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки. Причината за смртта на девојчето сè уште не е утврдена“,
велат од обвинителството.
Според информациите што досега излегоа во јавноста, шестгодишната Јана почина во болницата откако била примена со симптоми на настинка. Нејзиниот татко вчера во медиумите раскажа дека на детето му бил измерен покачен шеќер во крвта со вредност 9, но во болницата ѝ дале инфузија со гликоза.