Во усвоениот заклучок, Европскиот совет ги повикува двете страни брзо и со добра волја да ги спроведат своите обврски предвидени во анексот на Договорот за нормализација
Шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) на вчерашниот прв ден од Самитот, кој главно беше посветен на Украина, меѓу другото, го усвоија и заклучокот за договорот меѓу Белград и Приштина постигнат на 18 март во Охрид со посредство на Унијата.
Во усвоениот заклучок, Советот на ЕУ ги повикува двете страни брзо и со добра волја да ги спроведат своите обврски предвидени во анексот на договорот за нормализација.
„Европскиот совет го поздравува постигнатиот договор во дијалогот со посредство на ЕУ за анексот на Договорот за спроведување на патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ги повикува двете страни да ги спроведат своите обврски брзо и со добра волја“,
стои во заклучокот донесен од претседателите и премиерите на европските земји на крајот од првиот ден од самитот.

За дијалогот меѓу Србија и Косово се разговараше кон крајот на првиот ден од дводневниот Самит на ЕУ кој почна вчера, а во чиј фокус е Украина. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ги информира шефовите на држави и влади за резултатите од средбата во Охрид, а пред почетокот на средбата, им порача на Србија и на Косово да се фокусираат на спроведувањето на договорот.
„Секој обид да се доведе во прашање договорот е залуден. Договорот е договорен. Тој мора да се спроведе и нема простор за избор. Мора да се спроведе во целост, на сеопфатен начин, а ние внимателно ќе следиме кој го спроведува, а кој не. И би ги советувал (Косово и Србија) да не покажуваат со прст кон никого, туку да си ја вршат својата работа“,
рече Борел.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, на средбата во Охрид на 18 март го договорија анексот за спроведување на Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Беше договорено овие документи да станат составен дел на процесот за приклучување на двете земји во ЕУ.
И покрај тоа што лидерите на Косово и Србија не потпишаа никаков документ, ЕУ и САД велат дека Договорот е правнообврзувачки за двете страни и од нив се очекува имплементација на целиот документ.