Од партијата, која го напушти владиното мнозинство откако дел од него стана Алијанса за Албанците, велат дека довчерашниот директор на КПД „Идризово“, Шпенд Тахири, не е сменет поради казна за вчерашниот случај, туку само затоа што бил кадар на Алтернатива
Акцијата во која вчера беше откриен ископан тунел во скопскиот затвор „Идризово“, кој осуммина осуденици сакале да го искористат за бегство, е резултат и заслуга на ангажманот на довчерашниот директор на Казненопоправната установа Шпенд Тахири, велат од неговата партија Алтернатива – доскорашен партнер во Владата.

Од партијата, која го напушти владиното мнозинство откако дел од него стана Алијанса за Албанците, велат дека Тахири не е сменет поради казна за вчерашниот случај, туку само затоа што бил кадар на Алтернатива.
„Да се каже дека директорот на затворот ‘Идризово’ е сменет како казна, не само што е недолично туку е и неблагодарно кон човекот кој до последниот ден работел на својата работа без ниту една афера и без ниту едно обвинение од никого за неговата коректна работа. За жал, повеќе благодарни за неговата работа се нашите меѓународни пријатели отколку нашите државни институции“,
се наведува во соопштението од партијата.
Инаку, Тахири вчерa на владина седница беше сменет од функцијата директорот на КПД „Идризово“ и на негово место за в.д. директор е поставен генерал-мајор Зоран Јовановски. Информацијата за директорската смена на прес-конференција ја соопшти премиерот Димитар Ковачевски. Тој не ја наведе причината за смена на Тахири, но таа временски коинцидира со акцијата во која беше откриен ископаниот тунел во најголемиот затвор во државата.
Од Алтернатива велат дека Министерството за внатрешни работи „се кити со туѓи перја“ преземајќи ja заслугата за откривање на тунелот кој бил копан и подготвуван подолг период.
Според партијата, токму благодарение на совесното менаџирање со затворската институција од страна на Тахири досега биле спречени и санкционирани повеќе обиди за бегства и внесување наркотични средства во кругот на затворот, вклучително и последниот со откривањето на тунелот, што е, како што велат од неговата партија, круна на неговиот успех.
„Всушност, оваа акција во Идризово се подготвувала подолго време и ќе биде запишана како историски успех на директорот на затворот во Идризово. За жал, Министерството за внатрешни работи се кити со туѓи перја – сака да придобие од работата на некого кој и со жртвување на својот и животот на своето семејство работел достоинствено и со најголема професионална совест во институција која можеби е најтешка за менаџирање во државата. За информација на јавноста, Шпенд Тахири е сменет само заради тоа што бил кадар на Алтернaтива. Но, се чини, дека нарцисите од династијата на ДУИ и недостојните за договори од СДСМ, очигледно се алергични на критики. Но, сакаме да потсетиме дека Шпенд не е виновен што овие две партии ги уживаат последните денови на својата власт и ова состојба на паника ги тера да реагираат на штета на државните интереси“,
велат од Алтернатива.
Министерството за внатрешни работи вчера преку соопштение информира за детали во врска со откриениот тунел во најголемиот затвор во државава преку кој најмалку осуммина затвореници осудени на високи затворски казни планирале организирано бегство.
Тунелот, како што соопштија од МВР, бил откриен по добиени криминалистички сознанија за планот за бегство на затворениците.
Според МВР, тој бил долг околу 40 метри и лоциран близу објект што се користел за одлагање јаглен во правец на заштитната ограда зад која се наоѓа женското одделение во затворот, а во непосредна близина на зградата на затвореното одделение во „Идризово“.
Од Управата за извршување санкции дополнително соопштија дека два месеца траеле активностите за спречување на евентуалното организирано бегство.
„Управата за извршување на санкциите во координација со КПД ‘Идризово’ и со безбедносните органи, а врз основа на прибрани информации за безбедносната состојба во КПД ‘Идризово’, кои информации индицираа основано сомнение дека од страна на осудени лица се преземаат недозволени активности со кои би се создале услови за организирано бегство од установата, во изминатиот период од два месеци го подигна степенот на безбедност со цел да се дојде до подетални информации и да се провери нивната веродостојност. Како резултат на овие активности, во кругот на Затвореното одделение е детектирано потенцијалното место од каде би можело осудените лица да ги реализираат ваквите планови и таму беше дополнително зајакнато обезбедувањето“,
соопштија вчера од Управата.
