Од јули минатата година украинските сили периодично користат беспилотни летала за да го нападнат Севастопол, како и други објекти на Крим
Руската морнарица одби напад на украински беспилотни летала врз пристаништето Севастопол на Крим, објави гувернерот на градот кој Москва го анектира пред девет години.
„Црноморската флота го одби нападот извршен со поморски беспилотни летала врз Севастопол. Тие (украинските беспилотни летала) се обидоа да навлезат во нашиот залив, но морнарите пукаа во нив, а дејствуваше и нашата противвоздушна одбрана“,
напиша на Телеграм гувернерот назначен од Москва, Михаил Развозаев.
Тој рече дека во нападот не биле оштетени воените бродови, но биле искршени прозорците на неколку згради. Развозаев изјави дека нема повредени лица.
Според него, војската го одбила нападот со дронови и ситуацијата е под контрола, а сите оперативни служби се на готовност.
Од јули минатата година украинските сили периодично користат беспилотни летала за да го нападнат Севастопол, како и други објекти на Крим. Според руската агенција РИА новости, поголемиот дел од беспилотните летала се соборени од системи за противвоздушна одбрана.
Фото: EPA-EFE/ALEXEI DRUZHININ / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT