Анкетите на јавното мислење покажуваат дека водството на партијата Нова демократија на Мицотакис пред левичарската опозициска партија Сириза се намалува по железничката несреќа што се случи на 28 февруари, а во која животите ги загубија 57 лица
Општите избори во Грција ќе се одржат во мај, најави премиерот на земјата, Киријакос Мицотакис. Четиригодишниот мандат на неговата конзервативна влада истекува во јули, а очекувањата беа дека Мицотакис ќе повика изборите да се одржат на почетокот на април, јавуваат агенциите.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека водството на партијата Нова демократија на Мицотакис пред левичарската опозициска партија Сириза се намалува по железничката несреќа што се случи на 28 февруари, а во која животите ги загубија 57 лица, пишува Ројтерс.
„Можам со сигурност да ви кажам дека изборите ќе се одржат во мај“,
рече премиерот Мицотакис во своето прво интервју за грчката ТВ Алфа по катастрофалната несреќа кај Лариса, административниот центар на грчката провинција Тесалија.
Мицотакис вели дека му било тешко да оди на местото на несреќата, но не размислува да поднесе оставка и изрази уверување дека неговата партија ќе победи на изборите.
Несреќата, во која директно се судрија патнички и товарен воз, предизвика гнев кај јавноста и поттикна масовни протести поради лошата безбедност на железницата.
Десетици илјади луѓе се собраа низ Грција по несреќата изразувајќи го својот гнев на најголемите улични протести со кои се соочи владата на Мицотакис откако беше избрана во 2019 година.
Демонстрантите ја обвинуваат актуелната влада, но и претходните влади дека не реагирале на постојаните повици на синдикатите за безбедносните недостатоци во железницата, наследство од децениската финансиска криза во Грција која заврши во 2018 година.
Грчките власти, пак, посочија на човечка грешка како причина за несреќата, а четворица железнички работници, меѓу кои и дежурниот шеф на станицата во Лариса, беа притворени и обвинети за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди и нарушување на безбедноста во транспортот.