Се предвидува и поврзување на сите домаќинства на бродбенд услуги во следните пет години, а за да се имплементира Концептот, односно да се постигнат целите што се зацртани со овој документ, ќе се формира Агенција за дигитализација која ќе биде задолжена за безбедна размена на податоци, за поставување ИКТ-стандарди и за сајбер-безбедноста
Очекувањата се дека дигитализацијата ќе придонесе за владеење на правото, социјалната кохезија, јавно-приватното партнерство, како и за подобар пристап до информациите од јавен карактер

Владата на денешната седница го усвои Концептот за дигитална трансформација на општеството – документ кој е основот во кој се дефинирани базичните принципи што треба да ја водат дигиталната трансформација во сите области од општеството.
Она што е клучна измена што се предвидува со овој документ е давањето предност на дигиталните верзии на документите и електронските потписи, но и воведувањето електронска лична карта.
„Една од клучните измени кои ги носи овој Концепт е давањето предност на дигиталната верзија на записите и електронските потписи. Податоците што се еднаш внесени во јавен регистар, нема повторно да се бараат од физичките и правните лица, а дигиталниот потпис создаден со лична карта е еквивалентен со своерачен потпис. Имплементацијата на Концептот ја обврзува Владата да воведе електронска лична карта и да спроведе мерки за поддршка за поврзување на сите домаќинства на бродбенд услуги во следните пет години“,
велат од Владата.
Концептот за дигитална трансформација треба да доведе до темелни промени во начинот на функционирање на институциите и подобрување на нивната ефикасност како сервис на граѓаните.
„Основните принципи на овој концепт се владеење на правото, социјална кохезија и јавно-приватно партнерство, слободен пристап до јавните информации, веродостојни извори на податоци и стандардизација на употребата на дигиталните записи и потписи“,
посочуваат од Владата.
За да се имплементира Концептот, односно да се постигнат целите што се зацртани со овој документ, ќе се формира Агенција за дигитализација.
„Агенцијата ќе биде надлежна за управување со околината за безбедна размена на податоци, поставување стандарди за ИКТ и сајбер-безбедност за сите засегнати страни, давање насоки за управување со промените при дигитална трансформација на администрацијата и подигнување на јавната свест за оваа проблематика“,
велат од Владата.
Содржината на Коцептот за дигитална трансформација на општеството, што денеска помина на владина седница, е резултат од проектот за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија, со финансиска поддршка од САД и Естонија, како и со експертска поддршка од Естонскиот центар за меѓународен развој.
Овој документ минатиот месец беше усвоен од Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со кој раководи вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
