Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид оствари средба со Габриел Ескобар, заменик помошник-државен секретар на Соединетите Американски Држави.
Од кабинетот на претседателот соопштија дека на средбата соговорниците се согласиле дека билатералните односи се одвиваат со одлична динамика, како потврда за долготрајното македонско-американско партнерство и пријателство.
Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, шефот на државата информирал и за одвивањето на скрининг-процесот и за следните чекори кои треба да бидат преземени за напредок во евроинтегративниот процес.
На средбата се разговарало и за актуелните состојби во регионот, во светло на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој учествуваат претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Република Косово, Албин Курти, а кој се одржува во Охрид, под покровителство на Европската Унија.
„Во таа насока претседателот Пендаровски истакна дека одржувањето на преговорите во Охрид е признание за нашата земја, која во изминатите години направи повеќе компромиси за одржување на долготрајната стабилност, европската и евроатлантска интеграција, демонстрирајќи дека може да функционира како вистинска мултиетничка демократија. Тој додаде дека прашањето на дијалогот Белград–Приштина е исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евроатлантска интеграција“,
се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
- Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина во Охрид
- Курти на кафе со Ахмети пред дијалогот со Вучиќ
- Претседателот Пендаровски од Охрид: Преговорите Белград – Приштина се исклучително важно регионално прашање
- Ги охрабрувам да бидат конструктивни, дијалогот значи и отстапки, вели Ковачевски за средбата Курти – Вучиќ