Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е во Охрид на увид на градежни активности. Оттаму порача дека уставни измени нема да има во овој пратенички состав и дека ова не е времето кога власта можела да се договара со уценети политички структури
Додека во Охрид тече дијалогот Белград–Приштина, во посредство на Европската Унија, а чиј домаќин е премиерот Димитар Ковачевски, паралелно, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е во градот, но на увид на градежни активности.
Од партијата соопштија дека Мицкоски е во посета на инфраструктурни проекти во Охрид, а изјава за медиумите дал со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на првата локација по повод целосна реконструкција на улицата „Ѓорче Петров“.
На новинарско прашање околу најавата за работни групи за уставни измени, Мицкоски вели дека промена на Уставот во овој пратенички состав нема да има. Порача и дека ова не е времето кога власта можела да се договара со уценети политички структури.
„Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има. Тоа што го прави власта е процес којшто на крајот ќе се удри во ѕид, односно ќе заврши неуспешно. Бидејќи ние предупредуваме веќе подолго време, ако се сеќавате, откако во јули минатата година во 2022 година одлучија да го направат тоа што го направија, предупредивме дека тоа што го преземаат како обврска од името на сите нас, не само што немаат кредибилитет туку и не можат физички да го поминат. Тогаш, се сеќавате, правеа некакви реминисценции и потсетувања од времето на Преспа, но ги предупредивме дека е друго време, дека ова не е времето кога можеа да се договараат со одредени уценети политички поранешни структури коишто за жал функционирале во ВМРО-ДПМНЕ. Такви нема сега повеќе. Затоа ги предупредивме тоа да не го прават, но за жал тоа го направија, потоа, ако се сеќавате, велеа ќе се отпочне процесот септември-октомври 2022, тоа не се случи, потоа велеа кон крајот на годината, декември, тоа не се случи, па потоа го префрлија тежиштето во февруари, помина и февруари. Сега го префрлаат тежиштето на мај-јуни, еве, јас ви велам дека тоа нема да се случи. Тоа нема да се случи ниту во мај ниту во јуни затоа што ние имаме принципиелен став од самиот почеток, создадоа проблем којшто не можат да го решат, создадоа проблем којшто сите ние го имаме, и ако продолжат дополнително да го комплицираат, ќе се треснат сите во една мртва улица, но за жал тоа ќе биде еден огромен проблем за сите граѓани и за Македонија како држава, но јас, еве ви ветувам дека за сето ова што го прават, ќе има и одговорност веднаш откако новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста во владата“,
нагласи Мицкоски.
Прашан за регионалната иницијатива „Западен Балкан“ и шансите за членство на земјава во ЕУ, Мицкоски вели дека ниту една иницијатива не може да биде замена за полноправно членство во Унијата.
„Секоја регионална иницијатива којашто значи подобрување на квалитетот на животот, на стандардот на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е тука да ја поддржи. Дали е оваа таква иницијатива, не знаеме бидејќи немаме никакви, буквално никакви досега информации. Ниту, пак, мислам дека јавноста знае нешто поврзано со оваа иницијатива, бидејќи ако е брза размена на капитал, на стоки, на услуги, на луѓе итн. помеѓу овие држави коишто се дел од оваа иницијатива, има, да речеме, две држави коишто помеѓу себе не знам како граничат. Еве, да речеме, Србија и Албанија, како помеѓу себе граничат имајќи во предвид дека тука има друг спор којшто мислам дека денеска тука во Охрид се случуваат разговори поврзани со тој спор, а тоа е косовското прашање. Така што, има многу вака работи коишто јавноста не ги знае, коишто се поврзани со оваа иницијатива ‘Отворен Балкан’. Но тоа никако не смее да биде и не треба да биде замена за полноправно членство на Македонија во рамките на ЕУ“,
кажа Мицкоски.
Инаку, Охрид е местото каде што денеска се одржува нова средба во рамки на дијалогот Белград и Приштина. Поради средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, градот е под посебни безбедносни мерки.
На состанокот на кој ќе посредува високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
- Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина во Охрид
- Курти на кафе со Ахмети пред дијалогот со Вучиќ
- Претседателот Пендаровски од Охрид: Преговорите Белград – Приштина се исклучително важно регионално прашање
- Ги охрабрувам да бидат конструктивни, дијалогот значи и отстапки, вели Ковачевски за средбата Курти – Вучиќ