За да обезбеди независност, транспарентност и непристрасност на судскиот систем, Северна Македонија треба да вложува постојани напори и покрај досега постигнатиот напредок во оваа насока – гласи еден од заедничките заклучоци од денешниот 16. Совет за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и РСМ
Северна Македонија ја има поддршката од Европската Унија да ги засили истрагите, гонењето и правосилните пресуди во случаите на корупција, вклучително и на високо ниво.
За да обезбеди независност, транспарентност и непристрасност на судскиот систем, Северна Македонија треба да вложува постојани напори и покрај досега постигнатиот напредок во оваа насока.
Ова е еден од заедничките заклучоци кои се донесени на 16. Совет за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Северна Македонија, што по првпат се одржа во Скопје, а на кој присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, шефот на дипломатијата Бујар Османи, вицепремиерот Бојан Маричиќ и европските претставници Жозеп Борел и Оливер Вархеји.

На состанокот, како што е наведено во заедничкото соопштение, бил разгледан напредокот кој земјава го постигнала во подготовките за членството во ЕУ, а тема на дискусија била и натамошната работа што ѝ е потребна на земјава во преговарачкиот процес.
Освен за поголем напредок и транспарентност во судските процеси, европските претставници ја пренеле поддршката која Унијата ѝ ја дава на земјава, во насока на конструктивна работа на сите страни во македонското Собрание, со цел создавање меѓупартиски консензус и преземање конкретни чекори во преговарачкиот процес.
Како суштински елементи во процесот на проширување, стабилизација и асоцијација, како што е нагласено во заедничкото соопштение, се и добрососедските односи и регионалната соработка.
„Постојните билатерални договори, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, треба да бидат спроведени со добра волја“,
се вели во заедничко соопштение по 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

На Советот била нагласена посветеноста на ЕУ за натамошна поддршка на земјава во напорите кон членство во Унијата, но и важноста од натамошното спроведување на реформите од страна на С Македонија.
Посочено е и дека ЕУ ќе продолжи да ја интензивира својата вклученост на сите нивоа за да ја продолжи политичката, економската и социјалната трансформација на земјава.