Од Град Скопје ја поздравија одлуката на Советот на Општина Бутел да се избришат седум маркици за изградба на згради, но сепак, истакнаа оттаму, тоа не ја менува суштината на проблемот во врска со булеварот „Боца Иванова“. Трасата на овој булевар е утврдена со ГУП кој е повисок акт на ДУП и тој не може да се промени со иницијатива на Општина Бутел, велат од Градот
Денеска, на предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Советот на Општина Бутел едногласно изгласа и даде целосна поддршка за поништување на 11 градежни маркици за згради од ДУП ССИ 06.07 и ДУП С16, информира градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
За ДУП С16 кој е на сила, ќе се отпочне постапка за измена на планот со цел бришење на седум маркици за згради, а за ДУП ССИ 06.07 кој е во постапка, ќе биде ревидиран и ќе се избришат сите згради што се вцртани во предлог-планот, додава тој.
„Воедно, сите политички партии кои се дел од Советот ја прифатија иницијативата на граѓаните за промена на трасата на булевар ‘Боца Иванова’. Едногласно Општина Бутел ѝ кажа ‘не’ на Данела Арсовска. Ова се прави за нашата иднина, сè со цел да се зачува мирниот, спокоен живот којшто го сакаат и бараат граѓаните на Општина Бутел. Општина Бутел треба да дише, а не да се дави во бетон и да се гради на секој слободен простор“,
изјави Костовски.
Дополнително, на денешната седница на Советот на Општина Бутел се изгласа и иницијатива за поништување на ДУП С15.10 и С15.13 кој се наоѓа покрај булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“.
Од Град Скопје ја поздравиија одлуката на Советот на Општина Бутел да се избришат седум маркици за изградба на згради, но сепак, истакнаа оттаму, тоа не ја менува суштината на проблемот во врска со булеварот „Боца Иванова“.
„Ја поздравуваме одлуката на советниците во Советот на Општина Бутел да го послушаат апелот на Град Скопје и да ги избришат седумте маркици со кои се предвидуваше изградба на згради, а кој ДУП го гласал токму Дарко Костовски како советник во Советот на Општина Бутел во 2015 година. Истите беа во директна спротивност на начелото за хумано живеење, како и со вториот план со кој се предвидуваа 26 метри високи згради. Овие планови, кои денес се укинаа со одлука на Советот на Општина Бутел, апелираме да бидат пренаменети во простор за зеленило, паркови и игралишта. Сепак, ова не ја менува суштината на проблемот во врска со бул. ‘Боца Иванова’. Трасата на овој булевар е утврдена со ГУП кој е повисок акт на ДУП и истиот не може да се промени со иницијатива на општина Бутел“,
соопштија од Град Скопје.
Откако скопската градоначалничка Данела Арсовска во саботата уште еднаш повтори дека нема намера да отстапи од изградбата на булеварот „Боца Иванова“ во Бутел, чија изградба, како што рече, е предвидена уште во Генералниот урбанистички план за Скопје од 2002 година, градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, вчера ѝ порача дека не е важно колку е еден план стар, туку зошто останал нереализиран толку долго време.
Прашан дали го поддржал планот со кој се предвидува изградба на спорниот булевар додека бил советник во Општината, која тогаш ја предводел неговиот претходник Петре Латиновски, Костовски рече дека не го поддржал.
„Покојниот градоначалник Петре Латиновски имаше еден проблем со мене, а тоа беше овој план тука. Јас имав голем проблем со него по однос на овој план и тоа жителите овде го знаат многу добро. Не го гласав овој план и тоа може да се види во документите на Општина Бутел дека неколку пати беше тоа одложувано на лично моја иницијатива. Тогаш влегов во еден политички проблем со сега веќе покојниот градоначалник, па и тогаш на изборите во 2017 година тој одработуваше заедно со мојот противник токму поради тој проблем“,
изјави градоначалникот на Бутел.