„Како човек не би бил под стрес, кога како успешен претприемач и иноватор истовремено раководи со десетици бизниси. Како човек би бил целосно мирен кога во својот живот е оставен само со огромен фамилијарен дуќан на улица ‘Македонија’, еден скромен хотел на Попова Шапка, а единствени приходи обезбедува од провизии за минијатурни проекти како изградба на автопати“, велат активистите на УМС на ВМРО-ДПМНЕ
Сет за пинг-понг, пикадо и топка се дел од „антистрес реквизитите“ кои денеска активистите на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ ги оставија пред Министерството за политички систем и односи со заедниците, со кое раководи министерот и прв вицепремиер Артан Груби.

Активистите порачаа дека му нудат поддршка и помош на Груби, зашто, како што велат, загрижени се поради неговата макотрпна работа и жртвата која ја прави во интерес на граѓаните.
„Сигурни сме дека макотрпната работа во интерес на народот и двоењето од својот џеб влијаат на неговото здравје и токму поради тоа упатуваме поддршка и нудиме помош. Вицепремиерската функција и успешното водење на најважното министерство во државата бараат големи напори и вистинска жртва. Многупати, оваа жртва во интерес на граѓаните се манифестира преку појава на нервоза и стрес. Сериозно сме загрижени за овие појави кај премиерот, простете, првиот вицепремиер, господинот Артан Груби“,
порача Валентин Манасиевски, член на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Членовите на УМС на опозициската партија му порачаа на првиот вицепремиер да се послужи со оваа антистрес терапија и го уверија оти младите секогаш ќе бидат на негова страна.
„Како човек не би бил под стрес, кога како успешен претприемач и иноватор истовремено раководи со десетици бизниси. Како човек би бил целосно мирен кога во својот живот е оставен само со огромен фамилијарен дуќан на улица ‘Македонија’, еден скромен хотел на Попова Шапка, а единствени приходи обезбедува од провизии за минијатурни проекти како изградба на автопати“,
додаде Манасиевски од УМС на опозициската партија.
Потегот на активистите од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ следува откако минатата недела првиот вицепремиер Артан Груби на својот фејсбук-профил објави видео од својата канцеларија во Министерството за политички систем на кое се гледа како игра фудбал заедно со останатите министри од ДУИ.
Во описот на видеото и фотографиите Груби напиша:
„Дрим тим. По долг и предизвикувачки ден, придружна антистрес дружба за одбележување на заедничкиот успех. Денес е голем ден!“
притоа не споменувајќи зошто „тогашниот ден е голем“.
Пу бурните реакции во јавноста за ваквата антистрес дружба на министрите на ДУИ во државен објект, првиот вицепремиер кажа дека не гледа ништо недолично и неетично во тоа што тој и неговите колеги и сопартијци играле фудбал во неговата канцеларија. Нагласи дека пораката од играњето фудбал била оти се одличен млад тим.
„Пораката од играњето беше дека сме одличен тим, многу сложни заедно, дека сме млади и полетни, желни за резултати и дека само што почнавме со работа“,
нагласи Груби.