Освен со „огнената група“, Касами нагласи дека Беса е подготвена за соработка и со Алтернатива, но и со секоја политичка сила со која неговата партија би оценила дека на албанските гласачи ќе им ја докаже подготвеноста за формирање победничка сила
Ако членовите од т.н. „огнена група“ од ДУИ одлучат да се одделат од партијата и да формираат нова партија, Беса би прифатила соработка со нив, изјави лидерот на оваа партија Билал Касами во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат.
„За нас би било добредојдено ако ‘огнената група’ конечно реши да се отцепи од ДУИ, да формира политичка партија и да седнеме заедно и да направиме проширена опозициска коалиција. Со сегашното парламентарно мнозинство е затворена секоја можност за соработка“,
рече Касами.
Лидерот на Беса додаде дека можноста за соработка е отворена и со доскорешниот владин партнер Алтернатива.
„Ако нивниот понатамошен интерес е да се направи политичка ротација во албанскиот политички табор, што подразбира конечно ДУИ да оди во опозиција, тогаш тие се добредојдени да седнеме заедно и да го продолжиме проектот таму каде што застана“,
додаде тој.
Касами нагласи дека неговата партија е подготвена да ѝ ја подаде раката за соработка на секоја политичка сила со која Беса би оценила дека на албанските гласачи ќе им ја докаже подготвеноста за формирање победничка сила со што, како што рече, ќе се гарантира оти нивниот глас нема да биде залуден.
Според лидерот на опозициската партија, Владата не се осмелува да упати официјална покана за приклучување на Беса во владината коалиција ниту до него, зашто, како што вели, не само што ја изневерила неговата партија туку и албанските гласачи.