Според нив, во целата ситуација проблемот е многу поголем, а оди во корист на градежниот бизнис. Спроти нивните дворови има празен простор каде што треба да се направат седум висококатници. Тие се уверени дека зад градењето поголема улица се крие намерата да се изградат зградите кои целосно ќе го сменат ликот на населбата. Решението го гледаат во поместувањето на улицата неколку метри, во делот што е предвиден за зградите
Бараат од градските власти при отворањето на новиот пат на улицата „Боца Иванова“, кој се протега од кружниот тек во Бутел 1, па сè до булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, да се направи промена на планираната траса. Како што е предвидено да се реализира овој проект, ќе се навлезе во дворните места на 16 семејни куќи, велат тие
„360 степени“ дојде и до договорот што Град Скопје го има склучено со фирмата која ќе ја гради оваа улица во должина од 600 метри. Друштвото за производство, градежништво, трговија, транспорт и услуги „Филип инженеринг“ од село Бразда, Чучер Сандево, е фирмата со која Град Скопје го има склучено договорот и која во рок од девет месеци од денот на доставен писмен налог за воведување во работа од страна на договорениот орган. Вкупната вредност на овој договор со пресметан ДДВ изнесува 39 904 912 денари

На Општина Бутел, една од сè поретките скопски населби каде што индивидуално се домува во семејни куќи, ѝ се заканува изградба на објекти високи и до 20 метри. Од ова стравуваат дел од жителите на улицата „Хо Ши Мин“ кои се децидни дека и Бутел ќе стане непрепознатлив, ќе се задуши, ќе го изгуби мирот што сега го има, но и шмекот на тивко и безбедно место за живеење без згради.
Жителите на улицата „Хо Ши Мин“, сопственици на куќите со број од 425 до 439, утре во 10 часот ќе излезат на предупредувачки протест за да им укажат на општинските и градските власти дека нема да дозволат изградба на дел од улицата „Боца Иванова“ со која ќе им биде одземено дел од земјиштето што го користат од 1964 година. На протестот, како што најавуваат жителите, ќе им се придружат и останатите истомисленици од останатиот дел од Бутел.
Ако треба, и со жив штит ќе ги браниме дворовите
„Ќе излеземе, ако треба и со жив штит ќе ги браниме имотите. Нема да дозволиме улицата да ни поминува во дворовите. Ние не сме против тоа да се направи улицата, но бараме да се помести и да поминува неколку метри подалеку“,
велат дел од жителите со кои разговараше „360 степени“.

Според нив, во целата ситуација проблемот е многу поголем, бидејќи во заднина стои бизнис-интерес. Спроти нивните дворови има празен простор каде што треба да се градат седум висококатници. Затоа тие се уверени дека целта на изградбата поголема улица е да се отвори пат за во овој дел да се изградат згради кои ќе го сменат ликот на населбата. Решението го гледаат во поместувањето на улицата неколку метри, во делот што е предвиден за зградите.
„Со изградбата на улицата во нашите дворови се остава целосно чист делот каде што со Деталниот урбанистички план има маркици за изградба на седум згради високи и по повеќе од 20 метри. Во овој дел, предвиден за градба, минуваат цевки од водоводот од кој се снабдуваат жителите на половина Скопје. Сега го подготвуваат теренот за да ги преместат тие цевки и целата парцела за зградите да биде чиста“,
додаваат тие.
Известување од Град Скопје за три дена да го ослободат узурпираното земјиште
Утрешниот протест доаѓа откако вчера од Град Скопје добиле известување со кое на жителите им се наложува во рок од три дена да го ослободат узурпираното земјиште во сопственост на Република Македонија.
„Согласно програмата за уредување на градежно земјиште за 2023 година, Град Скопје започна со активности за реализација на улицата „Боца Иванова“. Со цел непречено одвивање на градежните работи и реализација на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, ве известуваме дека во рок од три дена од приемот на известувањето да го ослободите узурпираното земјиште во сопственост на Република Македонија“,
стои во писмото што со иста содржина е испратено до 55 лица кои живеат на оваа адреса.

Според жителите од овој дел на улицата „Хо Ши Мин“, градските власти за да го реализираат овој проект ќе треба да урнат три објекти кои се изградени на ова земјиште и кои се легализирани, а една од парцелите е и во приватна сопственост, односно земјиштето не е државна сопственост.
За да ја спречат реализацијата на оваа улица, жителите неколкупати барале средба со градоначалничката Данела Арсовска, но не наишле на потврден одговор. На 17 февруари годинава до архивата на Град Скопје поднеле петиција со која бараат да се направи промена на планираната траса.
„Бараме од градските власти при отворањето на новиот пат за улицата ‘Боца Иванова’, кој се протега од кружниот тек во Бутел 1, па сè до булеварот ‘Христијан Тодоровски Карпош’, да направите промена на планираната траса. Како што е предвидено да се реализира, овој проект ќе навлезе во дворните места на 16 семејни куќи одземајќи им половина од дворовите што ги имаат на користење цел живот, а се сопственост на Република Македонија“,
се наведува во петицијата поднесена до Град Скопје.

Жителите во петицијата наведуваат дека не се противат на проектот за отворање нов пат.
„Бараме само неговата траса да не ги зафати нашите дворови, бидејќи неколку метри понатаму, каде ние предлагаме да помине трасата, е празен простор и е во државна сопственост. Со тоа не би се наштетило ниту на нашиот имот ниту на јавниот интерес“,
се додава во петицијата.
„360 степени“ дојде и до договорот што Град Скопје го има склучено со фирмата која ќе ја гради оваа улица во должина од 600 метри. Друштвото за производство, градежништво, трговија, транспорт и услуги „Филип инженеринг“ од село Бразда, Чучер Сандево, е фирмата со која Град Скопје го има склучено договорот и која во рок од девет месеци од денот на доставен писмен налог за воведување во работа од страна на договорениот орган.
„Вкупната вредност на овој договор со пресметан ДДВ изнесува 39 904 912 денари. Во цената за изведба на работата е со вклучени трошоци за извршената работа, работна рака во работни часови, транспортни трошоци, јавни давачки и сите други издатоци и помошни работи“,
стои во договорот.

Петиција поднесена и до Општина Бутел
Откако вчера го добиле известувањето од градските власти, жителите во текот на денешниот ден имаат поднесено петиција и до градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски. Тие бараат тој да им помогне и да стори сè што е во негова моќ и влијание, градските власти да ја променат трасата за улицата „Боца Иванова“. Исто така, од градоначалникот, за кого велат дека ова решение било и негово предизборно ветување, бараат и за наредната седница на советот на Општина Бутел да поднесе иницијатива за промена на Деталниот урбанистички план за овој дел и бришење на маркиците за згради.
„Ние цениме дека токму тука лежи и несоодветното однесување на градските власти по секоја цена да ни ги одземе дворовите, со што би се оставило доволен простор на делот каде што сега има парк, да се изградат седум згради, како што е предвидено во актуелниот ДУП“,
се вели во петицијата испратена до градоначалникот на Бутел.

Жителите на дел од улицата „Хо Ши Мин“ стравуваат дека кога ќе се почне со изградба на овие седум згради, околните куќи ќе се изгубат покрај нив, ќе им се наруши видикот, а тие полека ќе бидат принудени да ги продаваат и да се селат, а со тоа ќе се отвори посакуваниот простор за нови и нови згради.
Нема одговори на прашањата што „360 степени“ ги постави до надлежните
Во врска со проблемот на жителите на оваа улица, „360 степени“ испрати прашања до градските власти во кои баравме одговор дали може да се очекува повлекување на одлуката на Град Скопје која е испратена до жителите на улицата „Хо Ши Мин“, со која им се наложува во рок од три дена да го ослободат узурпираното земјиште во сопственост на Република Македонија, зошто градоначалничката досега не ги има повикано овие жители на средба за да се изнајде заедничко решение за проблемот, за што тие веќе имаат поднесено и петиција до Град Скопје со која бараат промена на планираната траса, односно поместување надвор од земјиштето кое го користат повеќе од 30 години. Едно од прашањата на кое побаравме одговор беше и зошто сега почнува реализацијата на Генералниот урбанистички план додека во процедура е изработка и на нов ГУП, како и зошто не е побарано оваа траса да биде поместена во новиот ГУП.
Во телефонскиот повик кај одговорните во Град Скопје за односи со медиуми ни беше речено прашањата да ги испратиме на мејл или, пак, во порака на Вибер. Но, и покрај тоа, одговор на прашањата, до објавување на овој текст, не добивме.
Исто така, се обидовме да стапиме во телефонски разговор и со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, но откако не го добивме и до него на Вибер испративме прашања во кои побаравме одговор како тој ќе постапи по поднесената петиција од жителите на улицата „Хо Ши Мин“ со која бараат тој да инсистира кај градските власти да ја променат трасата за улицата „Боца Иванова“, со која ќе им бидат одземени половина од дворовите што ги користат повеќе од 40 години. А, исто така, прашавме и дали за наредната седница на Советот на Општина Бутел ќе поднесе иницијатива за промена на ДУП за овој дел и бришење на маркиците за згради. И оттаму, до објавување на овој текст, одговор не добивме.