Болницата во Охрид доби нов директор. На позицијата е назначен хирургот Горан Балевски, информираше министерот за здравство, Венко Филипче на попладневната прес-конференција.
Разрешувањето на досегашната директорка Славица Малеска следуваше откако викендов почина 66-годишна жена од Струга. Таа беше четвртата жртва на коронавирусот во земјава, која почина чекајќи ги резултатите од тестот. За нејзината смрт Министерството за здравство кое најави ревизија на целиот случај.
„Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање за коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден. Поради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница“,
информираат од Министерството за здравство.
Денеска пак, Филипче рече дека завршува инспекцијата од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и се чека извештајот од увидот во случајот.
Директорката на инспекторатот, пак, Иринка Сотирова, претходно денеска изјави дека утврдиле пропусти.
„Во тек на вчерашниот ден Државниот инспекторат почна вонреден инспекциски надзор. Инспекцискиот надзор сè уште трае, но од тоа што можам да го кажам досега е дека е утврдено прекршување во однос на неовозможување здравствена заштита, се однесува на здравствен работник кој бил дежурен. Точно е и дека матичниот има издадено упат“,
рече Сотирова.
За смртта на 66-годишната стружанка, како што информираше вчера „360 степени“, и обвинителството отвори предмет. Сотирова вели дека до овој момент обвинителството не побарало од нив информации, но посочи дека тие како Државен инспекторат се обврзани за наодите да ги известат сите институции кои може да постапуваат.