Шефот на дипломатијата потенцира дека тие што ќе предизвикаат кочење на процесот, дури и ако во моментов се наоѓаат во опозиција, треба да знаат дека кога и да се случи да бидат на власт ќе мора да го поминат процесот на уставните измени. „Чуму одложување, кочење на тој процес на штета на граѓаните, кога знаете дека еден ден ќе мора да поминете низ тој пат“, вели Османи
Уставните измени поради многу причини се во наш интерес, затоа што со нив даваме нов правец во односите со Бугарија и затоа што тоа ни го определува патот кон Европската Унија (ЕУ), вели шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски јазик.

„Од нивните (бугарските н.з.) обиди, тие односи да се стават под капа на историјата, ние даваме нова димензија дека во Уставот јасно се дефинирани мнозинскиот македонски народ и бугарската малцинска заедница, и тоа го трасира патот, каков ќе биде долгорочниот однос меѓу двете заедници во регионот и во Северна Македонија“,
вели министерот за надворешни работи.
Неможноста да ги усвоиме уставните измени, вели министерот, значи кочење на европскиот процес на преговорите со ЕУ.
Османи во тој контекст потенцира дека тие што ќе предизвикаат кочење на процесот, дури и ако во моментов се наоѓаат во опозиција, треба да знаат дека кога и да се случи да бидат на власт ќе мора да го поминат процесот на уставните измени.
„Ниту една влада, ниту едно општество не може да издржи притисок на закочени долгорочни ЕУ-перспективи. Нема ниту една држава во регионот на Западен Балкан со добра перспектива, без европска перспектива. Чуму одложување, кочење на тој процес на штета на граѓаните, кога знаете дека еден ден ќе мора да поминете низ тој пат“,
вели Османи за „Гласот на Америка“.
Меѓутоа, посочува тој, дотогаш ќе бидат изгубени многу години, а поставените прашања на маса ќе бидат се потешки и попроблематични.
„Не гледам причина, зошто да не смогнеме сили и да постигнеме натпартиски консензус во однос на прашање кое се во национален интерес, на Македонците, и на сите останати граѓани во целина“,
вели шефот на дипломатијата.
Уставните измени министерот за надворешни работи во интервјуто ги нагласува и во контекст на прашањето околу борбата против корупцијата и помошта што од тој аспект може да ја дадат САД и нивниот тим за санкции кој кон крајот на минатата година престојуваше во земјава.
Нема бегање од соочување со корупцијата, вели Османи, веднаш потенцирајќи дека тие што ги кочат уставните измени ја потиснуваат темата за антикорупција.
„За жал тие што ги кочат уставните измени всушност ја потиснуваат темата антикорупција во втор план додавајќи фокус на политичките прашања, односите со Бугарија, прашањата за уставните измените измени, наместо да ги тргнеме тие прашања настрана и рефлекторите да ги вклучиме кон антикорупциската политика. Така што, еве уште една дилема, зошто некој се спротивставува на уставните измени, дали со тоа сака да ја потисне антикорупциската агенда која еве и Американците, нашите стратешки пријатели, меѓутоа и нашето општество со консензус бара да биде основната тема во државата“,
потенцира шефот на дипломатијата.
Во врска со односите односите меѓу Скопје и Софија, ставот на Oсмани е дека тие во моментов се киднапирани од страна на политичките партии во Бугарија, со цел преку ова прашање да си создадат капитал за претстојните парламентарни избори во земјата, закажани за 2 април.
„Фактот што нема политичка влада веќе подолго време, овозможи бришан простор за конзервативните идеи во бугарското општество да може да излезат на површина и да ја диктираат динамиката. Тие конзервативни елементи вообичаено една политичка влада ги потиснува, затоа што тие штетат, не само во државите, туку и воопшто на меѓународната позиција на односите меѓу државите. За жал, во Бугарија, недостатокот на таа политичка капа овозможува излегување на површина на некои радикални елементи кои се обидуваат постојано да го провоцираат нашето општество, а тоа што јас се обидувам е ние да не потпаднеме под тие стапици и да направиме грешки по патот, затоа што за нас е најважно да ни остане имиџот меѓу 26-те земји-членки на ЕУ, којшто засега е беспрекорен во однос на сите наши политики и постигнувања“,
вели Османи.
Министерот за надворешни работи од минатата недела е во САД каде имаше обраќање на специјалната итна седница на Обединетите нации за Украина и имаше средба со претставници на Стејт департментот.
Во рамки на престојот во Вашингтон, Османи денеска ќе се обрати пред Хелсиншката комисија во американскиот Претставничкиот дом на тема „Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023“.
Тој во својата презентација, како што информираа од МНР, ќе се осврне на приоритетите на Програмата на македонското претседателство во 2023 година, меѓу кои најголем фокус е ставен на луѓето на терен во загрозените подрачја, како Украина, Молдавија, Југоисточна Европа, но исто така и на останатите приоритети како борбата против корупцијата, еколошките предизвици, промовирање на човековите права и основните слободи, демократијата итн.
Хелсиншката комисија, инаку е американска владина комисија која ги промовира човековите права, воената безбедност и економската соработка во 57 земји во Европа, Евроазија и Северна Америка.
Целото интервју на министерот за надворешни работи, Бујар Османи за Гласот на Америка на македонски јазик можете да го погледнете на следниот ЛИНК.