На прашањето дали има докази, односно сведоци кои кажуваат дека напаѓачите му викале на Пендиков навреди од типот „мрсен Бугарин“ или „фашист“, адвокатот Цобоски вели дека во фаза на истрагата не сретнал такви сведочења

Адвокатот Димитрија Цобоски, кој е бранител на Илија Спасески обвинет за претепувањето на Христијан Пендиков, вели дека тоа не може да биде напад од омраза поради бугарската определба на оштетениот. Обвинетиот е воспитан во дух да сака секого, вели тој и нагласува дека неговиот татко бил меѓу оние што спасувале Бугари во несреќата во септември 2009 година, во која загинаа 15 бугарски туристи при потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро.
„Како може да биде напад од омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа, кога тој, малиот, прв беше кој кажа дека тоне бродот и кој е воспитан во еден дух секого да сака, најмалку да мрази кого било. Размислете дали може да биде омраза или на ова се дава еден политички акцент, призвук кој се исполитизира до страшни граници што може да штети на целата постапка. Чисто политичка работа е ова“,
рече Цобоски.
За повредите на Пендиков, тој посочи дека иако се споменувала опасност по неговиот живот сега е очигледно дека не станува збор за такви повреди. Смета и дека здравствената состојба не е пречка оштетениот да дојде во Охрид и да се појави на судско рочиште да сведочи, иако, како што вели, „нас како одбрана не ни е потребен“.
„Неспорно е дека има повреда на долната вилица, неспорно е од зборувањето дека има фиксирана долна вилица, но сето друго укажува на можноста тој и да патува и да биде присутен на расправата. Меѓутоа, очигледно е и некое тактизирање од негова страна“,
вели адвокатот.
Тој ги спори тврдењата на Пендиков изнесени во јавноста во врска со нападот бидејќи, како што тврди, видеоснимките не го потврдуваат тоа.
„Ако со внимание ги следите изјавите на Пендиков преку Бугарската национална телевизија, тој спомна дека не знае кој го удрил одзади, кој го шутирал, дека бил тепан 10 минути. Но, видеоснимката покажува сосема поинаква состојба“,
вели адвокатот.
На прашањето дали има докази односно сведоци кои кажуваат дека напаѓачите му викале на Пендиков навреди од типот „мрсен Бугарин“ или „фашист“, Цобоски вели дека во фаза на истрагата такви сведочења не сретнал.
Судското рочиште денеска беше одложено за 5 април по барање на одбраната за да ѝ се достават сите докази од обвинителството.
Христијан Пендиков не дојде во Охрид како оштетен да сведочи за нападот, а неговиот адвокат тврдеше дека поради здравствената состојба не може да зборува. Интервјуто за бугарската телевизија во која зборува пред камери, пак, адвокатот рече дека не го гледал.