„Одредени лица за ним познати цели злоупотребуваат семејни фотографии на Ивановска и со фотомонтажа се обидуваат да создадат невистинита слика во јавноста. Против нив Ивановска ќе поведе приватна остапка, имајќи предвид дека се работи за приватен профил“, се наведува во соопштението од Државната комисија за спречување корупција
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска попладне преку писмено соопштение информира дека приватниот фејсбук-профил на претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, бил злоупотребен.

Злоупотребата, како што се наведува во соопштението, ја направиле „одредени лица“ кои со фотомонтажа на семејни фотографии на Ивановска се обидуваат да создадат невистинита слика во јавноста.
Против лицата кои стојат зад злоупотребата, Ивановска ќе поведе приватна постапка.
„Имено, во интерес на вистината ја информираме јавноста дека приватниот профил на социјалната мрежа Фејсбук на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, е злоупотребен. Одредени лица за ним познати цели злоупотребуваат семејни фотографии на Ивановска и со фотомонтажа се обидуваат да создадат невистинита слика во јавноста. Против нив Ивановска ќе поведе приватна остапка, имајќи предвид дека се работи за приватен профил“,
се наведува во соопштението од Државната комисија за спречување корупција.
Во него не е наведено дали лицата кои стојат зад злоупотребите ѝ се познати на Ивановска, како и кои се целите кои сакаат да ги постигнат.
Сепак, воведниот наратив на соопштението наведува на заклучок дека станува збор за некој од предметите што Државната комисија за спречување корупција ги отвори и кој, имајќи ја предвид причината за реакцијата на ДКСК, не им се допаѓа на засегнатите.
„Државната комисија за спречување на корупцијата согласно своите надлежности постапува со ист пристап кон сите предмети. Согласно природата на дејствување, Комисијата постапува по предмети од областа на корупцијата и судирот на интереси, области кои се поврзани со високи јавни функции. Тоа е често и причина да се преземаат јавни дејствија за дефокусирање на јавноста од одредени отворени предмети или теми, за да се искриви реалната слика и да се наруши интегритетот и кредибилитетот на одредени членови на Комисијата. На тоа сме сведоци и во моментот“,
се наведува во првиот дел од соопштението од ДКСК.
Оттаму, на крајот порачуваат дека ќе продолжат да работат согласно своите надлжености и да постапуваат по ист принцип кон сите предмети.
„Ги повикуваме сите релевантни чинители во општеството да дадат свој придонес кон борбата против корупцијата и судирот на интереси бидејќи само со заеднички залагања можеме да имаме резултат“,
порачуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата.