Директорот, кој е цел на критики бидејќи среде хаварија со системите во ФЗО заминал на годишен одмор во САД, пред три дена се огласи дека не е на одмор туку престојува таму на покана на Стејт департментот и патувањето било планирано неколку месеци претходно
Лежалка и сет играчки за на плажа оставија активистите на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ пред Фондот за здравствено осигурување, а наменети за еден од директорите на оваа институција, Фатон Ахмети.

„Додека здравствените работници скоро два месеца не можеа да земат плата, додека системот на податоци беше хакиран, додека пациенти секојдневно умираат поради неспособноста на власта за купување лекови, додека млади лекари си заминуваат на работа во странство, директорот на ФЗОМ во ова време невреме заминал на одмор во САД. Не знаејќи како да се соочи со реалноста, на директорот Фатон Ахмети најлесно му било да оди во САД и сето ова време да седи на плажа пиејќи коктели и да игра со песок“,
рече Валентин Манасиевски од УМС.
Од тие причини, додаде тој, спремиле пакетче за директорот.

„Лежалка за да одмори, топка и сет кофички и лопатки за да игра на убавите песочни плажи и да не му досади одморот, гума за пливање за кога ќе одлучи да се излади во водите на Атлантикот да не забега кон длабокото и да го загубиме и, за крај, чадор и крем за сончање за да не му изгори кожата бидејќи неговата кожа е поскапа од кожата на македонските граѓани“,
рече Манасиевски.
Системот на СЗО беше нападнат од хакери на 6 февруари, по што доцнеше исплатата на платите за здравствените работници, боледувањата, породилните отсуства и рефундациите.
Пред три дена една до двајцата директори, Магдалена Филиповска-Грашкоска, излезе на прес-конференција за да зборува за хакерскиот напад, но пред јавноста не излезе и вториот директор, како и одговорниот на ИТ-секторот во ФЗО.
На новинарско прашање, директорката одговори дека нејзиниот колега Фатон Ахмети бил на годишен одмор кој го зел уште пред да се случи нападот, а раководителот на ИТ-секторот, пак, поради големиот стрес и притисок, се разболел и е на боледување.
По критиките во јавноста, Ахмети преку Фејсбук се огласи од САД тврдејќи дека не е на годишен одмор туку престојува таму на покана на Стејт департментот во рамки на програмата ИВЛП и оти патувањето било планирано пред неколку месеци.