Светот во кој моќта на агресорот е посилна од мирот и демократијата би бил опасно место за живеење во кое перманентната нестабилност би била нашата „нова нормалност”, рече шефот на државата во својот говор од Домот на АРМ по повод годишнината од руската инвазија на Украина
Поддршката на земјава кон Украина, додаде Пендаровски, и натаму ќе продолжи да биде недвосмислена и конкретна оти во свет во кој основна вредност е човечкиот живот, агресијата како средство за постигнување на која било цел, не само што е недозволива туку е и неморална
Нема дилеми дека Украина е веќе морален победник во овој конфликт бидејќи успеа зад својата кауза да го обедини демократскиот свет кој покажа невидена солидарност и поддршка во спротивставување на газењето на човековите права и посегнување по слободата на другиот. Единството на демократскиот свет и натамошната поддршка за Украина е исто толку важна колку и решеноста на украинскиот народ да ја извојува победата.
Ова е дел од обраќањето на претседателот Стево Пендаровски од Домот на АРМ каде што денеска се одржува настан под слоганот „Украина – година на хероизмот“, по повод годишнината од руската инвазија.
Во војна меѓу минатото и просперитетот, демократскиот свет нема право на пораз, рече тој и додаде дека не постои никаква дилема оти руската агресија е војна на една диктатура против една демократија.
„Токму поради ова, уште на самиот почеток, како држава, заедно со нашите сојузници во НАТО-алијансата понудивме поддршка и продолжуваме и понатаму да асистираме со хуманитарна, техничка и воена помош која е потребна за да се намалат загубите, санираат штетите и да се извојува конечната победа“,
нагласи Пендаровски.

Претседателот нагласи дека поддршката на земјава кон Украина и натаму ќе продолжи да биде недвосмислена и конкретна, оти, како што рече, во свет во кој основна вредност е човечкиот живот, агресијата како средство за постигнување на која било цел, не само што е недозволива туку е и неморална.
Сепак, порача дека изборот за тоа кога и под кои услови ќе настапи мирот најправедно е да го направат самите украински граѓани, кои се борат за сопствениот опстанок.
„Изминатите недели клучните европски сојузници, заедно со САД донесоа важни одлуки за конкретна воена и економска помош на Украина што ќе овозможи одбрана и потиснување на руските сили надвор од окупираните територии. Јасно е дека само на тој начин можат да бидат создадени услови за крај на војната и обезбедување гаранции дека никогаш повеќе Украина и Европа нема да се соочат со егзистенцијални закани и конфликти од девастирачки размери“,
рече шефот на државата во своето обраќање на настанот „Украина – година на хероизмот“.
Осврнувајќи се на почетокот на воениот конфликт пред точно една година, Пендаровски нагласи дека и покрај сомнежите оти Украина нема долго да издржи во војната, сепак, земјата издржала решена по секоја цена да ја сочува својата независност. Жртвата на украинскиот народ, рече Пендаровски, е порака за сите оние кои сè уште анализираат како треба да заврши оваа војна.
„За секое морално човечко суштество единствениот праведен исход треба да биде ослободување на целата територија на Украина“,
додаде Пендаровски.
Светот во кој моќта на агресорот е посилна од мирот и демократијата би бил опасно место за живеење во кое перманентната нестабилност би била нашата „нова нормалност”, рече шефот на државата во својот говор по повод годишнината од руската инвазија на Украина и додаде оти слободоумните луѓе не смеат да дозволат да живееме во таков свет.