Премиерот го прозва пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ дека претходно бил член на СДСМ откако Лефков го праша зошто молчи за богатството на Груби. Прозивки кон опозицијата упати и првиот вицепремиер велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ е мајка на корупцијата и има докторирано на таа тема, а нејзините пратеници ги нарече „деца на Мијалков и Груевски“
Зошто премиерот Димитар Ковачевски молчи за богатството кое се трупа околу првиот вицепремиер Артан Груби?
Со вакво пратеничко прашање од Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ започна денешната собраниска седница на која членовите на Владата на чело со премиерот Ковачевски одговараат на прашањата на народните избраници.

„Зошто Владата предводена од Вас нема никаков став по бројните скандали кои излегоа во јавноста? И ова прашање си наметнува други потпрашања на коишто исто така можете да одговорите ако сакате. Како блиски луѓе на Груби добиваат акредитации за лабораторија? Како се дозволува да трупаат милионски бизниси и имот додека народот осиромашува? Како братот на Груби купува дуќан од половина милион евра кога негова фирма четири години работи со загуба? Кое е потеклото на парите? Како Бирото за метрологија набавува мобилна лабораторија трипати поскапо кога е водено од директорка блиска на Артан Груби? Како грдни пари за хонорари се одлеваат од министерството предводено од Груби?“,
рече Лефков.
Ковачевски, пак, местото на говорница му го отстапи на Груби за тој директно да одговори. Иако имаше негодувања и довикувања од место од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, првиот вицепремиер, сепак, даде одговор. За неговиот брат рече дека 20 години работи во приватен бизнис и тој лично нема никаков допир со тоа, но нагласи дека договорот за купување на имотот е петпати помал од тоа што клевети пратеникот. За наводите за Бирото за метрологија, пак, Груби посочи дека тоа е постапка која била водена преку ЕУ, а во одговорот не пропушти да ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е „мајка на корупцијата“.

„Лоповот мисли дека сите се лопови. Клептоманот сите ги гледа како клептомани. ВМРО-ДПМНЕ е мајка, татко, дедо, баба. ВМРО-ДПМНЕ ја има измислено корупцијата, има докторирано на корупцијата. Лоповлук од прв до последен ден и затоа знаат најдобро каде е медот за да ги вметнат рачињата, знаат секој ден и бараат да дојдат на власт. Не за да помогнат Македонија да стане членка на ЕУ, туку медот им е останат во мерак“,
рече Груби нарекувајќи ги пратениците од опозициската партија „деца на Сашо Мијалков и Никола Груевски“.
На собраниската говорница потоа излезе и премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека тоа е точно, но за Миле Лефков кажа дека не е така, туку дека идеолошки татко на овој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ се лица од СДСМ.

„Идеолошки татко на вас сите точно е дека ви е Никола Груевски и Сашо Мијалков. Ама една дигресија, идеолошки татко на Миле Лефков не му е ниту Груевски ниту Мијалков. Идеолошки татко му е Зоран Заев, Владо Бучковски и Радмила Шекеринска зошто беше член на СДСМ. Знаете зашто мора да прави ’глупи Август‘ од себе – за да се направи поголем вмровец од вмровците“,
рече Ковачевски откако претходно набројуваше лаги кои, вели, изминатиот период ги кажале од ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и најавите за предвремени избори и за ново мнозинство.