Јас сум можеби единствениот на Балканот кој помина 11 години по домашни и странски затвори, а од секаде излегол како победник, рече лидерот на Обединети за Македонија по ослободителната пресуда во „Кампања“

Откако доби ослободителна пресуда и во случајот „Кампања“, лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, вели дека одреден период ќе се повлече од политиката сцена од приватни причини, но вели, политиката е тука и јас сум во неа.
На последните парламентарни избори тој настапи како дел од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, а на прашање дали сега планира поактивно да се вклучи во политиката, можеби со учество на наредните парламентарни избори, тој вели дека смета оти сега кога е растоварен може сè уште да придонесе нешто за државата.
„Сега во овој период ќе се повлечам од политиката од приватни причини. Политиката е тука, јас во политиката. Сè уште сум претседател на Обединети за Македонија, политичка партија која овој период беше изложена на медиумски линч. Се надевам дека можам уште да придонесам за Македонија, посебно кога знам дека зад мене немам никаков товар што може да нè оптоварува мене и мојата политичка партија“,
одговори Бошкоски на новинарско прашање откако ја слушна ослободителната пресуда за „Кампања“.
Ослободувањето од обвинение во овој случај тој го доби во повторен судски процес, откако по осудителната пресуда во првото судење Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди во негова корист бидејќи сметаше дека му биле прекршени правата на фер судење и констатира дека во текот на судскиот процес имало недостиг на правичност
Јас, изјави денеска Бошкоски, можеби сум единствениот на Балканот, кој 11 години поминал по затвори, а од секаде излегол како победник.
„Ова ми е седма ослободителна пресуда почнувајќи од оние две хашки до денес. Во меѓувреме имавме неколку осудителни пресуди кои се завршија со ослободителни пресуди. Во мојот живот сум можеби единствениот човек на овие балкански простори кој помина 11 години што во домашните, што во меѓународните закони и од секаде излегов како победник верувајќи во правдата и вистината“,
вели Бошкоски.
Во првиот судски процес за „Кампања“ тој беше осуден на седум години затвор од Кривичниот суд, казна која Апелација му ја намали на пет години. Додека водеше постапка во Стразбур, тој ја одлежа казната и излезе од затвор. Околу тоа дали сега ќе бара отштета од државата, вели, тоа не му е примарно сега бидејќи времето поминато во затвор никој не може да му го врати.
„Тоа е сега не е примарно, времето не може никој да го врати. Тоа е минато време, но ги охрабрувам македонските судови и судии при одлучувањето да ги земаат предвид сите докази, а не да влегува политиката во судниците. Како што велеше мојот професор по кривично право Марјановиќ: ‘Таму каде што низ вратата влегуваше политиката, низ прозорецот бегаше правдата’. Но, еве, денеска бевме сведоци дека сиот овој период бев изложен на полициско-политичко монтирани процеси кои завршија на крајот со победа на правдата и така ја доживувам оваа победа“,
вели Бошкоски.
Бошкоски во „Кампања“ се гонеше за кривичните дела злоупотреба на средства за изборна кампања и за злоупотреба на службената положба и овластувања, а во врска со изборната кампања за парламентарните избори на 5 јуни 2011 година. Обвинителството го товареше дека зел 7,3 милиони денари од странско лице. За случајот тој беше уапсен ден по изборите пред ресторанот „Воденица“ во скопската населба Капиштец.
Претходно во 2019 година Љубе Бошкоски доби ослободителна пресуда и во случајот „Ровер“ кој се однесува на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, што се случи во јули 2001 година.