Членовите на заедничката македонско-бугарска Комисија на средбата во Софија дискутирале за тоа како да се подобрат учебниците по историја во двете земји, а размениле и неколку предлог-препораки кои, како што велат од МНР, остануваат основа за понатамошни разговори
Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија вчера и денеска ја одржа својата 23. средба, а на неа, како што информира Министерството за надворешни работи (МНР), се дискутирало за прашањата за учебниците по историја во двете држави.
Во кусото соопштение на МНР во кое се информира за средбата, меѓу другото, се наведува дека членовите на македонско-бугарската Комисија размениле идеи и аргументи како да се подобрат учебниците по историја. Воедно, размениле и неколку предлог-препораки кои, како што се вели, се основа за понатамошни разговори.
Членовите на заедничката Комисија својата следна редовна средба ќе ја одржат на 30 и 31 март 2023 година.
Македонскиот историчар и копретседател за македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев неодамна изјави дека последните тензии на релација Скопје-Софија, кои кулминираа на денот на одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев, несомнено влијаат и на работата на Комисијата.
„Не може ние да останеме имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневнополитички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на Комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат, се споменува и Комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атмосферата во самата Комисија“,
изјави Ѓоргиев.
Тој посочи дека кога македонско-бугарските односи извесен период се мирни и добри и кога работата тргнува во вистинска насока, тогаш се случуваат инциденти кои, очигледно, имајќи ја предвид историјата на претходните инциденти, се прават смислено и со однапред режирано сценарио.
Според Ѓоргиев, се забележува тенденција македонско-бугарските односи на одреден период да бидат циклично нападнати со цел, како што вели, да се наруши оној краток континуитет од мирен период.