Како што јави МИА, по барање на вештите лица поради замор, и на јавниот обвинител, како што рече, „поради неподнослива атмосфера во судницата“, судечкиот совет ја прекина расправата

Вештакот Зеќирија Зеќири, еден од четворицата автори на супервештачењето за автобуската несреќа кај Ласкарци пред четири години, и денеска не дојде во Основниот кривичен суд Скопје да сведочи за вештиот наод под кој го ставил својот потпис.
Станува збор за вештак кој е со највисока научна титула – доктор на науки, од тимот сообраќајни инженери што го изготвија супервештачењето, и него обвинителот Дарко Јакимовски го избра да одговара на неговите прашања.
Обвинителот преку прашањата на двете рочишта претходно се обиде и да го дискредитира, а вештакот често даваше кратки одговори, па неговите колеги го дополнуваа и дообјаснуваа. На третото рочиште, кога Јакимовски најави дека ќе премине кон финалните поенти, Зеќири не се појави со објаснување дека се разболел.
Се одложија две рочишта, а судијката која го води судскиот предмет, Дијана Груевска-Илиевска, најави дека нема да откажува повеќе судења, па доколу Зеќири не дојде, тогаш на прашањата на обвинителот ќе одговараат некои од другите вештаци.
Денеска тоа и се случи. Како што јави новинската агенција МИА, Зеќири повторно не се појави, па судењето продолжи со испитување на останатите вештаци од тимот.
По испитување на еден од вештаците, судењето беше прекинато.
Како што јави МИА, по барање на вештите лица поради замор, и на јавниот обвинител, како што рече, „поради неподнослива атмосфера во судницата“, судечкиот совет ја прекина расправата. Следното рочиште е закажано за 21 февруари.
За денешното рочиште реагираа и од невладината коалиција „Сите за правично судење“ велејќи дека се продолжило со недозволиво тимско одговарање на прашањата на обвинителот.
„На денешното рочиште за главна расправа по предметот ’Ласкарци‘ К-1407/19 продолжи лошата практика на Судот да дозволи ’тимско‘ одговарање на прашања од страна на вештите лица кои го изготвиле предметното супервештачење“,
реагираа од Коалицијата.
Супервештачењето за автобуската несреќа кај Ласкарци го кочеше судскиот процес повеќе од една година. Судот го нарача на 21 декември 2021 година. Предметот го испрати до Бирото за супервештачење откако претходно Техничкиот факултет во Битола одби да го изврши вештачењето поради недостиг на стручни лица.
Крајот на декември 2022 година супервештачењето конечно пристигна во судот откако претходно беа испратени десетина ургенции.
Ова супервештачење за предметот „Ласкарци“, во кој на обвинителна клупа седат возачот, но и сопственикот на „Дурмо турс“, одговорното лице за транспорт во фирмата и тројца вработени во станицата за технички преглед, вината за несреќата ја лоцира кај возачот, наспроти вештачењето на ОЈО Скопје кое најде континуирани неисправности на возилото поради што одговорност се бара и од останатите обвинети.
Автобуската несреќа на која се однесува овој судски процес се случи на 13 февруари 2019 година и во неа загинаа 16 патници, а 37 беа повредени. Во попладневните часови на кобниот ден, автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар.