Во моментот на спасувањето таа била во свесна состојба, рекол еден од спасувачите за АФП
Седумнаесетгодишнa девојка денеска е извлечена од урнатините, единаесет дена по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди Јужна Турција.
Алејна Олмез, чие презиме на турски значи „она што не умира“, е една од ретките преживеани пронајдени под урнатините и покрај студот по земјотресот на 6 февруари во кој загинаа повеќе од 36 000 луѓе во Турција. Девојката 248 часа била закопана под урнатините на нејзината станбена зграда во Кахраманмараш во Јужна Турција.
Во моментот на спасувањето таа била во свесна состојба, рекол еден од спасувачите за АФП. Нејзиниот вујко низ солзи ги прегрнал еден по еден волонтерите кои ја извлекле од урнатините.
„Бевме многу среќни. Да се види радоста на семејството е неспоредливо со ништо“,
рече спасувачот Исмаил.
Група волонтери, составена претежно од рудари од различни делови на земјата, сè уште се обидуваат да најдат преживеани под урнатините.
„Сите рудари ќе ви го кажат истото. Дојдовме овде со надеж дека ќе лоцираме звук што доаѓа од некој кој преживеал. Дури и ако звукот што го лоцираме е звук што доаѓа од закопана мачка, ние ќе се обидеме да ја спасиме“,
рече рударот Али Акдоган.