Српската влада денеска реши да ја повлече одлуката со која беше дозволена 20-минутна прошетка на домашните миленичиња меѓу 20 и 21 часот. Од Владата на Србија велат дека потегот е последица на мислењето на експерти, без да се наведат дополнителни детали или објаснувања.
Во Србија полицискиот час почнува во 17 часот и трае до 5 часот изутрина. За викендите, според денешната одлука, ќе почнува во 15 часот.
Во земјава министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска изјави дека е можно во наредниот период Владата да заземе став за луѓето што живеат во колективни станбени објекти и имаат миленици, на одредено растојание од објектите да можат да излегуваат со нивните миленичиња со цел извршување на нужните потреби.
Во изминативе денови граѓаните реагираа на мерките за ограничувањето на движењето и бараат да им биде дозволено да можат да ги прошетаат милениците и по 21 часот, односно по 16 часот за време на викендите.
Со реакции излезе и Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ од каде велат дека овие мерки засегаат околу 80 илјади граѓани кои живеат со миленичиња.
„Многу повозрасни граѓани, кои неретко живеат сами, имаат миленици, кои поради извршување на физиолошки потреби мора да бидат прошетани неколку пати во текот на денот, не само наутро, а некогаш и подоцна од 21 часот“,
велат од „Анима мунди“.