Подготовките околу мобилната болница, која треба да се постави до Инфективната клиника во Скопје, се завршени во рекордно време и таа ќе биде во функција од следната недела, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
„Ги зголемуваме капацитетите на Инфективната клиника за згрижување на пациентите заболени од ковид-19. Голема благодарност до сите што учествуваа во подигнување на мобилната болница која има капацитет до 130 кревети. Работата ја завршивме во рекордно време, а болницата ќе биде функционална во текот на следата недела“,
соопшти Филипче.

Просторот претходно е расчистен со интервенција на армијата и нејзината механизација, екипи на Град Скопје, на јавното претпријатие „Улици и патишта“, а ангажирани биле и инженерите од Проектната единица при Министерството за здравство.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вели дека со ослободениот простор од околу 4000 метри квадратни, создадена е можност за дополнување на капацитетот на Клиника за инфективни болести.
„Ослободената локација до Инфективна клиника во моментов има огромна предност заради близината на сите капацитети на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, клучните Институти и самата Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби“,
соопшти Шилегов.

Филипче и Шилегов заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска беа на увид.
„Тука следните денови ќе биде поставена маневарската болница на Воено-медицинскиот центар. Така ќе ги дуплираме капацитетите на Клиниката за инфективни болести. Одлична меѓуинституционална соработка. Браво за сите!“,
рече Шекеринска.
Претходно, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека засега во државата има линеарно зголемување на случаи од коронавирусот, но дека системот се подготвува и во случај на висок и забрзан раст на бројот на заразени.
Со новите случаи, денеска до 12 часот, вкупната бројка на заболени во земјава изнесува 241, излечени се тројца, а 4 лица починаа.