Во Битола е регистриран првиот случај на коронавирус, соопшти министерството за здравство. Засега, нема детали за возраста на заболеното лице, ниту за тоа како се заразил.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска преку видеопорака им се обрати на битолчани и ги повика да бидат дисциплинирани и да не ја отежнуваат работата на стручните лица.
„Веќе сме град во кој е констатирано присуство на коронавирусот. Да се запрашаме колкумина од нас биле надвор од Битола, колкумина биле во близина на вирусот, колкумина не ги почитувале мерките за непотребно излегување и пиеле кафе по локалите наместо дома. Ова не е битка на етникум, партија, вера, ова не е битка на еден, на неколкумина и на неколку семејства, ова битка на сите нас. Ова е битка на човештвото“,
вели Петровска.
Таа се осврна и на вчерашниот револт на дел од битолчани, затоа што во еден од хотелите во центарот на градот се сместени лица кои се вратиле од Малта и треба да го поминат задолжителниот карантин од 14 дена.
„Вчера се дебатираше за нашите граѓани кои се вратиле во својата татковина. Се дебатираше за локацијата, но ниту една локација не е подобра или полоша. Вирусот нема да се победи со локацијата, туку со нашето однесување. Со контролирана изолација, со почитување на протоколи и препораки или со еден збор со дисциплина“,
рече Петровска.
Таа истакнува дека како градоначалник нема да дозволи да се стигматизираат овие лица и нема да дозволи да се објавува список со нивото име и презиме.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
(ФОТО) Граѓани кои слетаа од Малта се сместени во карантин во хотел во Битола
Револт за првиот државен карантин во Битола – Општината апелира на солидарност
Влада: Граѓаните сместени во државните карантини не се закана за никого
Хотел „Молика“ на Пелистер ќе биде државен карантин со капацитет за 90 лица