„Од вмешани во убиства, преку местачи на тендери, до корумпирани предлози за министри и заменик-министри во новата влада која, ако по утрото се познава денот, ќе биде покриминална и покорумпирана“, велат од најголемата опозициска партија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку писмено соопштение излезе со тврдења и обвинувања дека новата владина коалиција, која партијата ја нарекува „пазар 3“, е полна со кадровски решенија кои зад себе имаат скандали и сомнежи за тешки кривични дела.

Коалицијата, за која денеска треба да се гласа во Собранието и во која како владин партнер влегува Алијанса за Албанците, наместо инвестиции и капитални проекти ќе донесе зголемен криминал и корупција, тендери во четири очи и неспособност.
„Од вмешани во убиства, преку местачи на тендери, до корумпирани предлози за министри и заменици министри во новата влада која, ако по утрото се познава денот, ќе биде покриминална и покорумпирана“,
велат од најголемата опозициска партија.
Оттаму наведуваат дека премиерот Димитар Ковачевски е должен да одговори дали предлогот на премиерот за нов министер за правда Кренар Лога е брат на Крешник Лога кој, според ВМРО-ДПМНЕ, има кривична пријава за убиството на Дилавер Бојку.
„Втор човек на Министерството за правда е предлогот Викторија Аврамовска-Мадиќ за која има поднесено кривична пријава за злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата. Мадиќ како генерален секретар на Град Скопје е вмешана и во скандал од 4 милиони евра со фирмата `Армор плус` во сопственост на зетот од сестра“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради ваквите кадри во Министерството за правда, потенцираат од партијата, довербата кон судството и Министерството за правда е само шест проценти, реферијаќи на последното истражување на јавното мислење на „Евротинк“ насловено „Еврометар“.
За поврзаност со скандали од ВМРО-ДПМНЕ го посочуваат Фатмир Меџити, кој е предлог за министер за здравство. Тој, според опозициската партија, како претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) е вмешан во многу скандали, меѓу кои и со шверц на лекови.
„Јавноста треба да знае дали кумашинските врски со Арбен Таравари имаа предност за негов избор во ова министерство“,
велат од партијата.
За Тирон Јајага, кој е предлог за заменик-министер за одбрана, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека додека бил член на Мисијата на земјава во НАТО бил вратен од Брисел во С Македонија поради учество на протест за „Илирида“.
Агим Нухиу, кој од Ковачевски е предложен за заменик-министер за образование, ВМРО-ДПМНЕ во пејоративна смисла го прогласуваат за „најуспешен“ во извршувањето на оваа функција во секторите правда и претходно во Министерството за внатрешни работи, во кои освен нивна целосна „приватизација“ и нанижани неуспеси не постигнал ништо друго.
„Оваа `пазар 3 крпена коалиција’ за 10 месеци нема да донесе ништо подобро во Македонија. Наместо справување со економската и енергетската криза, граѓаните овие неколку месеци ќе бидат посиромашни и со уште повеќе проблеми. Потребна е нова влада, влада која знае како да се справи со проблемите на државата и граѓаните. Наместо крпени коалиции, потребни се предвремени избори на кои граѓаните ќе ги испратат во историјата криминалците од СДС и ДУИ“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска во 15 часот е закажана собраниската седница на која пратениците треба да расправаат и да гласаат за предложената реконструкција на Владата откако премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и раководството на Алијанса за Албанците на чело со Арбен Таравари постигнаа договор за влегување на оваа партија во владиното мнозинство.
Од друга страна, договор за останување во Владата не беше постигнат со Алтернатива, чиј претседател Африм Гаши вчера, по состанокот на Централното собрание на партијата, соопшти дека донеле одлука за напуштање на владиното мнозинство.