Последната антибугарска кампања во Република Северна Македонија, која доведе до голем број злосторства од омраза – палење и пукање врз бугарските културни клубови, како и насилство врз македонските Бугари, отвора прашања за улогата и одговорноста на институциите во земјата, изјави бугарскиот претседател по средбата со неговиот француски колега

Институциите во Република Северна Македонија мора со резултати да докажат дека навистина се залагаат за евроинтеграции. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на денешната средба во Брисел со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, пренесува бугарската БНТ.
Двајцата претседатели разговарале за теми од агендата на билатералната соработка и во рамките на ЕУ.
„Последната антибугарска кампања во Република Северна Македонија, која доведе до голем број злосторства од омраза – палење и пукање врз бугарските културни клубови, како и насилство врз македонските Бугари, отвора прашања за улогата и одговорноста на институциите во земјата“,
нагласи Радев.
Тој потсетил дека и Бугарија и Република Северна Македонија ја прифатиле преговарачката рамка предложена во рамките на француското претседателство со Советот на ЕУ, а вклучувањето на Бугарите во уставот на РСМ е задолжителен чекор пред почетокот на процесот на преговори.
„Забележуваме отсуство на политичка волја за реформи и уставни измени, а наместо тоа во државата се води уште една антибугарска кампања“,
посочи Радев.
Бугарскиот претседател пред почетокот на состанокот на Европскиот совет што денеска и утре се одржува во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање дали Софија планира ново вето за С Македонија, рече дека во моментов владее состојба на вето во однос на продолжувањето на евроинтеграциските процеси на С Македонија бидејќи македонските Бугари, како што рече, сè уште не се впишани во Уставот на земјава, а со тоа и преговорите не се започнати.
Радев изјави дека иако оваа тема не е на дневен ред на состанокот, тој со сигурност ќе ја постави затоа што, како што истакна, проблемите со Северна Македонија задираат во темелите на Европската Унија.
Бугарскиот претседател рече дека ќе ги повика своите колеги во Брисел за поголема солидарност и ангажираност и ќе бара од Европската Унија да наложи мониторинг и гаранции за почитување на правата на македонските Бугари.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска не сакаше да ја коментира изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, според кого во моментов владее состојба на вето кон С Македонија, со образложение дека Бугарија се наоѓа во предизборен период и секој политичар сака да собере глас повеќе.
Премиерот претходно рече дека утрово имал состаноци со сите амбасадори на земјите членки на Европската Унија, на кои во детали разговарале за она што земјава го направила во 2022 година и за она што ја очекува во оваа.