„Не би ја коментирал Бугарија бидејќи тие се наоѓаат во избори и таму секој дава изјави само за да собере некој глас повеќе. Кога ќе завршат изборите кај нив, а кои ќе бидат во првата недела на април, ќе можеме да воспоставиме комуникација со новата влада што ќе ја изберат и да продолжиме со институционалната комуникација во делот на проектите што ги имаме на билатерално ниво, зашто ние не преговараме со Бугарија за влез во ЕУ ние преговараме со Европската Унија во Брисел за влез во ЕУ“, изјави Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски не сакаше да ја коментира изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, според кого во моментов владее состојба на вето кон С Македонија, со образложение дека Бугарија се наоѓа во предизборен период и секој политичар сака да собере глас повеќе.

Според бугарскиот претседател, како што изјави тој за новинарите во Брисел пред почетокот на состанокот на Европскиот совет, во моментов владее состојба на вето во однос на продолжувањето на евроинтеграциските процеси на С Македонија бидејќи македонските Бугари сè уште не се впишани во Уставот на земјава, а со тоа и преговорите не се започнати.
„Не би ја коментирал Бугарија бидејќи тие се наоѓаат во избори и таму секој дава изјави само за да собере некој глас повеќе. Кога ќе завршат изборите кај нив, а кои ќе бидат во првата недела на април, ќе можеме да воспоставиме комуникација со новата влада што ќе ја изберат и да продолжиме со институционалната комуникација во делот на проектите што ги имаме на билатерално ниво бидејќи ние не преговараме со Бугарија за влез во ЕУ ние преговараме со Европската Унија во Брисел за влез во ЕУ“,
изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со прашањето за ново вето од Бугарија, за кое зборува Радев, премиерот е категоричен:
„Вето нема да има бидејќи ние веќе ги отпочнавме преговорите.“
Премиерот претходно рече дека утрово имал состаноци со сите амбасадори на земјите членки на Европската Унија на кои во детали разговарале за она што земјава го направила во 2022 година и она што ја очекува во оваа.
Потсетувајќи на скрининг-процесот кој веќе е во поодмината фаза, Ковачевски посочи дека кога станува збор за правата на малцинствата и етничките групи Северна Македонија е далеку понапред и од некои земји членки на Европската Унија.
Иако во општа форма одговорот на Ковачевски недвосмилесно алидура на обвинувањата од Софија дека во земјава се спроведува системска дискриминација и насилство врз граѓаните кои се чувствуваат и декларираат како Бугари.
„Врз основа на скринингот ќе постојат патокази кои ќе бидат основа за унапредувањето на нашето општество во иднина со цел остварување на стандардите за полноправно членство во Европската Унија. Еден од тие патокази е и за правата на малцинствата, на етничките заедници кој што го има секоја држава и кој што очекувам дека ние ќе го исполниме на највисоко ниво бидејќи ако се споредиме со било која држава во Европа правата на помалите заедници кај нас се издигнати на највисоко можно ниво. Ние имаме изградено институции за остварување на правата на помалите заедници, ние имаме закони за остварување на правата на помалите заедници во делот на нивното рамноправно учество во јавната управа, употребата на јазиците и тоа се однесува на сите. Ние имаме и министерство кое се занимава со тие прашања“,
истакна Ковачевски.
Затоа, вели премиерот, барањето на кој било политичар во делот на почитувањето на малцинските права за нас не претставува никаков проблем.
„Правата што ги имаат сите поединци или групи во оваа држава кои не се дел од мнозинскиот народ се на многу повисоко ниво од голем број држави во Европа, па и членки на Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Бугарскиот претседател Радев денеска изјави дека, иако односите Скопје – Софија не се тема на дневен ред на состанокот на Европскиот совет, денеска и утре тој со сигурност ќе ја постави затоа што, како што истакна, проблемите со Северна Македонија задираат во темелите на Европската Унија.
Според него, антибугарската кампања во Северна Македонија веќе води кон злосторства од омраза – палење и пукање во бугарски клубови и физичко насилство. Затоа, изјави тој, ќе ги повика своите колеги во Брисел за поголема солидарност и ангажираност и ќе бара од Европската Унија да наложи мониторинг и гаранции за почитување на правата на македонските Бугари.
„Со истата енергија како што бараат од нас забрзување на процесот на евроинтеграцијата на Република Северна Македонија, ЕУ да наложи мониторинг и гаранција за почитување на правата на македонските Бугари“,
изјави бугарскиот претседател во Брисел.
Во врска со изјавата на Радев денеска реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ која го обвини СДСМ дека е креатор на спорот меѓу двете земји.
„Креаторот на спорот е владата на СДС, затоа што пред шест години немаше спор со Бугарија. Ковачевски сè уште не одговара дали уставните измени се последното барање од Бугарија за прекин на блокадата“,
рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева на прес-конференција.

Таа посочи дека „тоа е така затоа што апетитите на Бугарија во налет на неспособната и криминална влада на СДС се сè поголеми“.
„Од друга страна, Бугарија со ваквите чекори го загрозува пријателството“,
заклучи таа.