Во Северна Македонија до денеска до 12 часот се регистрирани 219 заразени лица со коронавирус. Од нив, 213 случаи се активни, три се излечени, а има и три смртни случаи.
Ова го покажува анализата на состојбата со коронавирусот во земјава што секојдневно ја ажурира Институтот за јавно здравје.
Од досега заразените лица, 33 го фатиле коронавирусот во странство.
Во однос на полот, според статистиката, се забележува дека и машките и женските лица се во подеднаква опасност. Од 219 регистрирани случаи, 109 се машки, а 110 се женски.
Најголем број на заразените се на возраст од 30-39 и од 50-59 години
Кога е во прашање возраста, пак, најмалиот заразен пациент е на возраст од 2 години, додека највозрасниот има 91 година.
Најголем број на заболени се на возраст од 30-39 години – вкупно 51 лице или 23,3 проценти од вкупниот број на заразени.
Слични се бројките и за возрасната група од 50-59 години – вкупно 50 лица или 22,8 проценти.

Уште една категорија на заразени која се издвојува во анализата од ИЈЗ се здравствените работници – досега има 21 заразен.
Од овој број, се наведува во анализата, 14 се заболени во болнички и амбулантски услови.
Какви симптоми имале заразените?
Од 219 случаи досега, хоспитализирани биле 48, додека 171 се наоѓаат на домашно лекување.
Кај најголем дел од заразените како симптоми се јавиле кашлица и температура.
„Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани кашлица (67,1%), температура (64,5%), слабост (30,3%), главоболка (26,3%), болка во грло (21,7%) и треска (20,4%)“,
пишува во анализата на ИЈЗ.
Но, интересен е и податокот дека 67 лица од заразените се без изразени симптоми.
Кога станува збор за медицинската историја на заразените пациенти – 46 имаат хронички заболувања, и тоа: 33 лица имаат кардиоваскуларна болест; 8 лица се со хронична белодробна болест; 5 со дијабет; 4 со хронична бубрежна болест и 7 со други хронични болести.
Во Дебар и Скопје има широкораспространета трансмисија на вирусот
Скопје со 134 и Дебар со 43 се градовите со најголем број на заразени со коронавирусот.

Според категоријата на ризик од СЗО, овие два града се во четвртата фаза односно има широко-распространета трансмисија во заедницата.
Останатиот дел од земјава е во втора фаза односно со спорадични случаи.
Каква е статистиката по општини и градови според бројот на заразени прочитајте на следниот линк:
Во Карпош има 27 заразени со коронавирус, во Гази Баба, Кисела Вода и Центар по 20 (МАПА)