Во самоизолација и под надзор се десетина членови на неговото семејство и уште 40 пациенти кои во тоа време биле во болницата
Четиринаесет здравствени работници од Заводот за рехабилитација во Козле и четворица пациенти се тестирани. Нивните тестови за коронавирус се негативни, откако биле во контакт со лице од Тетово кое било хоспитализирано во Заводот, а по заминување дома бил дијагностициран со коронавирус, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Пациентот бил во овој Завод од 9 до 23 март и бил хоспитализиран бидејќи бил неподвижен. Но, откако заминал од болницата, имал покачена температура поради што бил тестиран во Центарот за јавно здравје, а резултатите покажале дека има ковид-19. Потоа е примен на Инфективната клиника во Скопје.
„Точно е дека бил неподвижен, но имало посета. Ако немало посета ќе биде интересен случај да се анализира од каде е вирусот. Но не би брзал со коментари додека не дознаеме. Сите случаи досега имаа поврзаност со кластер на пациенти или пациенти кои патувале во странство. Мојата информација е дека пациентот имал посета, но дозволете да добиеме повеќе информации во текот на утрешниот ден“,
рече Филипче.
Филипче потенцира дека сите досега тестирани кои биле во контакт со Тетовецот имаат негативни тестови, но под надзор и изолација се десетина членови на семејството на заболениот и околу 40 пациенти кои биле во тоа време во болницата. Филипче најави дека сега се работи стратегија за функционирање на институцијата.