Од одбраната на Зеќири посочуваат дека тој е во влошена психичка состојба поради смртта на неговиот брат пред десетина дена и затоа не може да го следи судењето. Извештај за неговата состојба е испратен и до судот, но, сепак, денеска полиција отишла да го спроведе. Откако полицајците се увериле дека е во лоша состојба, ја известиле судијката, меѓутоа таа инсистирала Зеќири да биде спроведен, за што побарала и Итна помош чиј тим, исто така, констатирал дека тој не може да го следи денешното судење
Денешното судско рочиште во Основниот кривичен суд Скопје за случајот во кој обвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, се одложи. Причината е неговата влошена здравствена состојба.
Зеќири се наоѓа во куќен притвор и за негов спровод беше испратена наредба до полициската станица Карпош, која, како што пренесоа дел од медиумите, не можела да го спроведе поради здравствени причини, за што командирот ја информирал и судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска.
Од одбраната на Зеќири, пак, посочуваат дека тој е во влошена психичка состојба поради смртта на неговиот брат пред десетина дена и затоа не може да го следи судењето. Тоа било констатирано и во извештај по специјалистички преглед што му бил направен на Клиниката за психијатрија минатиот петок (27 јануари). Меѓутоа, судијката денеска инсистирала тој да биде спроведен, па била повикана и Итна помош чија екипа, исто така, констатирала дека Зеќири не е способен да следи судско рочиште.
„Извештајот уредно и навремено е доставен до Судот и надлежниот судија. Од таму полицијата не била информирана за психијатрискиот наод и ѝ било наложено, од страна на надлежниот судија, Зеќири сепак да биде спроведен. И покрај тоа што полициските службеници на самото место се уверија во неговата состојба и надлежниот судија беше известен за тоа, судијката инсистираше да се реализира спроводот, за потоа по нејзино барање да биде испратена и брза помош во посета на мојот клиент која, исто така, констатираше дека поради психичката состојба и терапијата што ја прима не е во можност да го следи денешното судско рочиште“,
вели Александар Трајковски, еден од адвокатите на Зеќири, кој нагласува дека предуслов и начело за правично судење е лицето да биде во состојба да го следи рочиштето.
Адвокатот Трајковски во дописот до медиумите нагласува дека неговиот клиент од самиот почеток соработува со надлежните органи и секогаш бил коректен и достапен, па оттука го праќаат и денешното известување до медиумите со цел да не се наруши неговиот углед.
Инаку, на денешното рочиште требаше да се сослушаат две лица по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција – еден вештак и еден сведок од Бугарија. Се очекува тие да бидат сослушани на наредното рочиште.
На претходните рочишта во декември 2022 г. обвинителката Катерина Коларевиќ, како и Зеќири и неговите адвокати дадоа свои воведни зборови.
Поранешниот генерален секретар на Владата се гони за склучување два договори во четири очи за консултантски услуги – едниот за определување модел за реструктуирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.
Обвинителката Коларевиќ смета дека во судскиот процес ќе успее да докаже дека поранешниот генерален секретар на Владата ја злоупотребил службената положба и овластувања и убедена е дека тој требало да распише тендери, додека Зеќири рече дека не се чувствува виновен и смета дека не го прекршил Законот за јавни набавки.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Зеќири ги побара Битиќи, Бочварски и Макрадули за сведоци во судскиот процес против него
