Ново покачување премиерот најави дека ќе има и на пензиите, потсетувајќи дека претходното се случи лани, кога тие пораснаа за 10 отсто. Со најавеното зголемување, растот на пензиите, според Ковачевски, за една календарска година ќе изнесува 16 отсто
Зголемување на минималната плата за 2 200 денари најави премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање со кое беше отворена дводневната конференција „Година на нови можности“.
Како што истакна премиерот, со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата донесени во 2023 година, наместо сегашните 18 000 денари, таа ќе изнесува 20 200 денари.

„Ја зголемивме минималната нето-плата во март 2022 година на 18 000 денари месечно. Тоа е за 3 000 денари повисока минимална плата од претходната година во април, кога изнесуваше 15 000 денари. Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, кои ги донесовме, во 2023 година, согласно порастот на трошоците на живот, минималната плата ќе изнесува околу 20 200 денари“,
рече Ковачевски.
Говорејќи во овој контекст, премиерот потсети дека, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) од ноември, минатата година е зголемена и просечната нето-плата, која сега изнесува 33 000 денари.
„Тоа е за 4 000 денари повеќе од претходната година во истиот месец, кога изнесуваше 29 000 денари. Покачувањето на минималната плата, извесно ќе влијае и на понатамошно зголемување на просечната плата“,
потенцира премиерот.
Премиерот најави дека ново покачување ќе има и на пензиите и посочи дека претходното се случило лани, кога, исто така, е обезбедена и нивна редовна и предвремена исплата.
„Околу 330 илјади пензионери во државата веќе земаат повисоки пензии почнувајќи од ланската септемвриска пензија. Пензиите во 2022 година пораснаа за 10 проценти, што е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година. Реков дека носевме и краткорочни, но и системски мерки, така што во оваа 2023 година следува ново покачување на пензиите, според новата методологија на пресметка, која предвидува усогласување на пензиите според трошоците за живот и порастот на просечната плата. За една календарска година, со ова покачување, растот на пензиите ќе биде околу 16 проценти. Со ова системско решение ги осигуривме пензионерите – никогаш никој повеќе да не си поигрува предизборно со нив бидејќи растот на пензиите го загарантиравме со закон“,
истакна премиерот.
Тој нагласи дека решенијата за пензиите се донесени во соработка со Сојузот на пензионерите, како што решенијата за платите Владата ги донела во соработка со синдикатите и стопанските комори.
„Овој инклузивен начин на работа го применивме и кога ги покачивме платите: на сите припадници во одбраната (над 2 000 денари); во полицијата (за нови 5 проценти); на лекарите (за 5 нови проценти, со што основната плата на лекарите специјалисти за 4 години е зголемена за 40 проценти); на сите 25 000 наставници во основните и средните училишта (за 15 проценти); на судските, јавно-обвинителските службеници и на затворската полиција (за 15 проценти)“,
рече премиерот додавајќи дека како Влада создале услови за иден пораст на платите во високото образование што треба да се случи наскоро.