„Се надеваме дека дијалогот со вас ќе придонесе за намалување на секојдневниот притисок врз нас – граѓаните на Република Северна Македонија кои не се плашат, и покрај ризикот од дискриминација и говор на омраза, отворено да ги бранат нашето македонско-бугарско наследство и идентитет“, пишуваат тие во писмото до еврокомесарот

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ќе се сретне со претставници на македонските Бугари, јави бугарската новинска агенција БГНЕС.
Средбата ќе се одржи неделава на барање на македонските Бугари поради, како што пишува агенцијата, институционалната омраза и системската дискриминација кон нив во Република Македонија.
Дел од делегацијата која ќе оди на средбата се Петар Колев и Георги Трендафилов од Граѓанско-демократската унија (ГДУ) и Љупчо Георгиевски од бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ од Битола.
Во писмото што тие го испратиле до Вархеји се жалат дека во нивната татковина нема желба за дијалог со нив од страна на локалната и централната власт.
„Секојдневната стигматизација на нашата бугарска заедница и неможноста за воспоставување дијалог со локалните и централни власти создаваат предизвици за нашата заедница кои често ги надминуваат нашите индивидуален и колективни можности. Искрено се надеваме дека дијалогот со вас ќе придонесе за намалување на секојдневниот притисок врз нас – граѓаните на Република Северна Македонија кои не се плашат, и покрај ризикот од дискриминација и говор на омраза, отворено да ги бранат нашето македонско-бугарско наследство и идентитет“,
пишуваат тие во писмото до еврокомесарот, пренесува БГНЕС.
Средбата доаѓа откако на 19 јануари во Охрид беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“. Тој во моментов се лекува во болница во Софија каде што му беше направена операција на вилицата, а бугарските медиуми тврдат дека имал повреди и на градниот кош, ‘рбетот и ребрата.
