Една од најсмешните тези е дека влегувал во владата за обезбедување на уставно мнозинство од 80 пратеници, иако сите се свесни дека такво уставно мнозинство нема. Мислам дека сака да влезе во владата заради математика. Е сега математиката дали е бурек или нешто друго, треба самиот да одговори и да каже, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ

Евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во Владата, денеска повторно беше актуализирана од ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на партијата, Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање за изјавите и постапките на претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, истакна дека тезата оти АА влегува во владата за да се обезбеди уставно мнозинство од 80 пратеници е смешна, бидејќи, како што рече, сите се свесни дека такво мнозинство нема.
„Јас овој Арбен Таравари не го препознавам, познавам еден друг Арбен Таавари и навистина ми е жал што го гледам во вакво издание. Прво не можеме да извлечеме заклучок од изјавите. Не само што ги менува секој ден, туку и во едно исто интервју или изјава она што ќе го каже во првата минута, самиот го демантира во втората или третата. Една од најсмешните тези е дека влегувал во владата за обезбедување на уставно мнозинство од 80 пратеници, иако сите се свесни дека такво уставно мнозинство нема. Мислам дека сака да влезе во владата заради математика. Е сега математиката дали е бурек или нешто друго, треба самиот да одговори и да каже, но јасно е дека сакаат да влезат во владата заради математика. На крај тоа е нивна одлука или негова одлука. Можеби е уценет, има и такви работи кои што се слушаат во политичката чаршија, но јас не би сакал да шпекулирам повеќе од ова“
истакна Николоски.
Тој, како и лидерот на партијата што неколку пати нагласува, додаде дека оваа влада нема легитимитет да продолжи да владее и единствено решение се предвремени парламентарни избори.
„Според нас во ваква ситуација која сега само е надополнета со случувањата со Бугарија, во ситуација на девастирана економија, на криминал и корупција кои што цветаат во секој сегмент и на дополнително национално понижување, оваа влада нема никаков легитимитет да продолжи да владее и единствено решение се предвремени парламентарни избори. Свесни сме дека во рамките на Собранието има пратеници кои што размислуваат различно од оваа влада, а формално се дел од владејачкото мнозинство. Тие пратеници очекувам во следниот период да се охрабрат и Македонија да оди на предвремени парламентарни избори. Така што опцијата е сѐ уште отворена“,
заклучи Николоски.
Вчера, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека од Алијанса за Албанците нема видено никаква програма во која кажуваат кои политики ќе ги спроведат за граѓаните да живеат подобро.
„За да некој влезе во Владата треба да излезе со програма и да каже: Јас ќе бидам дел од тој ресор и на граѓаните ќе им ги понудам овие политики, овие реформи за да живеат подобро. Јас тоа не го гледам од ниту една политичка партија која во овој момент е во Владата, а за жал ниту од политичарите кои се дел од Алијанса за Албанците тоа го слушнав“,
рече Мицкоски.
Според него од АА не рекле дека ќе го подобрат стандардот и квалитетот на живот, туку цело време велат дека ќе влезат во владата.
„Се поставува прашањето за што влегуваат во владата ако не за фактот да им се придружат на овие кои денеска сложно го крадат македонскиот народ. Нека ми кажат со кој друг аргумент тие можат да го оправдаат нивниот влез во владата ако не е ова за кое зборувам. Јас не гледам програма“,
додаде Мицкоски.
