За да некој влезе во Владата треба да излезе со програма и да каже: Јас ќе бидам дел од тој ресор и на граѓаните ќе им ги понудам овие политики, реформи за да живеат подобро. Јас тоа не го гледам од ниту една политичка партија која во овој момент е во Владата, а за жал ниту од политичарите кои се дел од Алијанса за Албанците тоа го слушнав, рече Мицкоски

Откако вчера Алијанса за Албанците најави дека на состанок на претседателството на партијата го формирале тимот кој ќе преговара за евентуалниот влез на партијата во Владата, денеска лидерот на опозциската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека од АА нема видено никаква програма во која кажуваат кои политики ќе ги спроведат за граѓаните да живеат подобро.
„За да некој влезе во Владата треба да излезе со програма и да каже: Јас ќе бидам дел од тој ресор и на граѓаните ќе им ги понудам овие политики, овие реформи за да живеат подобро. Јас тоа не го гледам од ниту една политичка партија која во овој момент е во Владата, а за жал ниту од политичарите кои се дел од Алијанса за Албанците тоа го слушнав. Во ред, еве го смениле своето мислење, не сакаат да бидат повеќе опозиција, сакаат да бидат власт. Не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Но, до крај ќе ги разберам ако видам од таа страна платформа со која ќе ги спречат автобусите од Гостивар и од Тетово на млади луѓе да ја напуштаат Македонија и да ние со оваа политика ќе ги спречиме тие автобуси и напротив ќе предизвикаме од Дортмунд, Франкфурт, Женева, Цирих, автобуси да се вратат назад во Гостивар и во Тетово и да ги донесат овие млади луѓе“,
рече денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Според Мицкоски од Алијанса за Албанците не кажале ниту што ќе направат како реформа во здравството, бидејќи како што рече, на тоа поле најмногу се разбирале.
„Ќе ги разберам ако речат еве ние бидејќи сме луѓе кои се разбираат најмногу во медицината, барем така велат, ќе направиме структурна реформа во здравството и тоа ќе ги нуди услугите за пациентите кои тие ги заслужуваат. Тие ништо од ова не прават. Не велат дека ќе го подобрат стандардот, не велат дека ќе го подобрат квалитетот на живот, туку цело време велат дека ќе влеземе во владата. Се поставува прашањето за што влегуваат во владата ако не за фактот да им се придружат на овие кои денеска сложно го крадат македонскиот народ. Нека ми кажат со кој друг аргумент тие можат да го оправдаат нивниот влез во владата ако не е ова за кое зборувам. Јас не гледам програма“,
додаде Мицкоски.
Тој додава дека никој од владините коалициони партнери не отстапуваат ресори, затоа што, како што рече, не сме подготвени да отстапиме од она што ние сега го црпиме.
„Тоа делува лицемерно, лажливо и измамнички. Така Македонија не може да оди напред со овие луѓе“,
рече Мицкоски.
Лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вчера рече дека партијата веќе има потенцијални барања, но нагласи дека во текот на викендот треба дополнително да се прецизираат стратегијата и приоритетите со кои ќе настапат во преговорите за евентуалниот влез во Владата.
Таравари потенцира дека за партијата од поголема важност се програмските, а не кадровските барања, а доколку тие бидат исполнети, како што рече, тогаш ќе следува внатрепартиски референдум за да се слушне и ставот на членството, по што ќе се донесе конечна одлука.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, во синоќешното интервју за „360 степени“ рече дека иако до овој момент немало разговори за програмско и кадровско усогласување со нови партнери во Владата, со влез на Алијанса за Албанците во Владата би се зголемил сојузот на партии што се за европска Македонија.