Басните за 2001 може Али да ги раскажува на Димитар Ковачевски, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во одговор на прозивката од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој вчера на трибина во Тетово рече дека Христијан Мицкоски не треба да зборува за војна, бидејќи тој не бил дел од неа, туку само ја гледал на телевизија.
Мицкоски вели дека и Ахмети и Ковачевски треба добро да гледаат и да читаат што тој кажува, а не да го вадат од контекст, иронично додавајќи дека наместо обвинувања тој очекувал дека премиерот и лидерот на ДУИ ќе се пофалат со нова фабрика.
“Првиов се храбри од своите удoбни хациенди од Зајас, додека албанскиот народ, исто како македонскиот, гладува. Вториот како дезертер од 2001-ва сѐ ќе му поверува и мора да спроведе, за да прави криминал и тој самиот”,
вели Мицкоски.
Тој со постот на социјалните мрежи објави и слика од него во униформа на Армијата во 2001 г.

Инаку, откако Мицкоски пред два дена побара од Ахмети да каже колку милиони евра добило неговото семејство на сметка на жртвите од воениот конфликт во 2001 г., лидерот на ДУИ вчера кажа дека Мицкоски војната ја видел само на телевизија и не бил доброволец, како што тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.