Изборите на кои алудира Чернева, која е реномиран регионален експерт за надворешна политика, се оние пред кои е исправена Бугарија откако ниту една од трите водечки партии во земјата не успеа да состави владин кабинет
Повикувањето на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов на консултации во Софија, таа го оценува како „неумерен гест“ бидејќи, според неа, „вакви гестови се прават во исклучителни ситуации“
Ескалација во односите меѓу Софија и Скопје секогаш се појавува кога „мириса на избори“, вели во интервју за БНР заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика и советничка на поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков.

Изборите на кои алудира Чернева, која е реномиран регионален експерт за надворешна политика, се оние пред кои е исправена Бугарија откако ниту една од трите водечки партии во земјата не успеа да состави владин кабинет.
Инаку, во однос на односите меѓу двете земји, таа вели дека помеѓу Бугарија и С Македонија постои механизам за намалување на тензиите и за идентификување на манифестациите на омраза и тој е јасно наведен во протоколот меѓу министерствата за надворешни работи во Софија и Скопје. Единствениот проблем, смета Чернева, е што не се спроведува.
„Не можеме да кажеме дека нема доволно алатки. Во последните месеци гледаме дека навистина има зголемување на тензијата“,
вели таа, додавајќи дека кога има ваков пораст на тензиите, тоа дополнително им го отежнува животот на Бугарите во Северна Македонија.
Според Чернева, одржувањето на добар тон и пристојност ќе им помогне на Бугарите што живеат во Северна Македонија многу повеќе од овој прилично неодговорен пристап, конкретно посочувајќи ги индиректните закани на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кон македонскиот претседател Стево Пендаровски со атентат.
„Видовме како бугарски европратеник му се заканува на македонскиот премиер со атентат. Ваквите закани не треба да бидат дел од билатералните односи“,
посочува Чернева.
Повикувањето на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов на консултации во Софија, таа го оценува како „неумерен гест“ бидејќи, според неа, „вакви гестови се прават во исклучителни ситуации“.
„Оваа ситуација почнува да ми изгледа како намерна. Траекторијата на билатералните односи, која оди надолу, е многу лесна. Напорната работа е спротивна – да се создаде средина во која такви работи нема да се случуваат“,
коментира Чернева во програмата „Пред сите“ на бугарското национално радио.
По толку години непријателство, работите не можат да се остават сами на себе, посочува таа, и прецизира дека во овој момент нема претставки од Бугарите од Северна Македонија до Европскиот суд за човекови права.
„Овој тип ескалација секогаш се појавува кога мириса на избори“,
нагласува Чернева.
Според неа, од двете страни на границата има партии кои ја користат тензијата за да го подигнат својот рејтинг.
„И се надеваат дека ќе се хранат изборно. Нормалните луѓе се наоѓаат во средината, притиснати од екстремите од двете страни и се жртви на тој притисок“,
посочува заменик-директорката на Европскиот совет за надворешна политика
Чернева ги нагласува и процесите кои ја оддалечуваат Бугарија од срцето на евроинтеграциите, како што вели, ја ставаат земјата во многу маргинална положба посочувајќи ги во овој контекст „билатералните кавги“ со кои се занимава Софија.
„Квалитетот на нашето европско членство сè повеќе слабее“,
е ставот на експертката за надворешна политика.