Маричиќ потенцира дека од страна на ЕУ е препознаено и оценето како видливо високото ниво на подготвеност и ентузијазмот кај македонските преговарачки групи, кои досега презентираа пред Европската комисија и треба да ја одржиме таа динамика
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Брисел се сретна новиот генерален директор на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, кој укажа дека исполнувањето на реформите во Поглавјата 23 и 24 мора да остане во фокусот на работата на сите институции во земјава.
„Владеењето на правото да остане во фокусот на институциите за брз напредок во преговорите со ЕУ. Судските реформи и владеењето на правото се од витално значење во Кластерот ‘Фундаментални вредности’ и на нив мораме да обрнеме посебно внимание особено во подготовката на Патоказот за владеење на правото. Постојат отворени и реални можности за напредок на Северна Македонија кон ЕУ, за кои Копман изрази волја за помош и поддршка“,
наведе Маричиќ во објава на својот профил на Фејсбук.
Тој потенцира дека од страна на ЕУ е препознаено и оценето како видливо високото ниво на подготвеност и ентузијазмот кај македонските преговарачки групи, кои досега презентираа пред Европската комисија и треба да ја одржиме таа динамика.
„Со континуирана поддршка на Европската Унија остануваме посветени на спроведување на обемни политички и економски реформи кои произлегуваат од процесот на пристапување и кои ги очекуваат граѓаните“,
додава Маричиќ во објавата.
