Маричиќ и Ќучук на средбата потврдиле дека, покрај сите провокации и обиди за нарушување на добрите односи, двајцата, заедно со граѓаните, сакаат и силно се залагаат за соработка и добрососедство кои носат благосостојба за двете држави и двата народи и оти веруваат дека таа опција е и помногубројна, посилна и со сигурност ќе надвладее во оваа ситуација

Соработката и меѓусебната почит како модели за успех подеднакво се нужни и за земјите членки на ЕУ и за оние кои се на пат да станат дел од Европската Унија. Ова е заклучокот што произлезе од средбата на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
Според Маричиќ, единствениот модел за успех за сегашните и идните генерации е меѓусебното почитување и уважување изградено врз европски вредности.
„Знаеме дека секогаш ќе постојат фактори и од двете страни на границата, а и надвор од тие рамки кои сакаат инциденти, национализам, конфликти и враќање во минатото“,
кажал Маричиќ на средбата.
Маричиќ и Ќучук на средбата потврдиле дека, покрај сите провокации и обиди за нарушување на добрите односи, двајцата, заедно со граѓаните, сакаат и силно се залагаат за соработка и добрососедство кои носат благосостојба за двете држави и двата народи и оти веруваат дека таа опција е и помногубројна, посилна и со сигурност ќе надвладее во оваа ситуација.
Маричиќ во рамки на официјалната посета на Брисел во Европскиот парламент се сретнал и со европратениците Ирена Јовева и Дејвид Мекалистер, со кои разговарале за текот на скрининг процесот, реформскиот план, обврските и задачите кои ги има Северна Македонија до крајот на оваа година.
На средбата со Мекалистер било истакнато дека сега Северна Македонија мора фокусот да го стави на реформите и на политичкиот консензус бидејќи тие се гаранти за брз напредок на патот кон ЕУ. Исто така, Мекалистер кажал дека Европа се соочува со безбедносни предизвици и затоа е важно регионот да остане стабилен и на европскиот пат.
„Членството во ЕУ мора да остане наш надворешнополитички приоритет, како и дека ги спроведуваме неопходните реформи за да можеме да ја исполниме нашата цел и визија, 2030 да е година за членство во ЕУ“,
истакнал Маричиќ.
Вицепремиерот разговарал и со европратеничката Ирена Јовева од која добил потврда за позитивната енергија за Северна Македонија и поддршката од европските пратеници и Европскиот парламент за преговорите со ЕУ.
„Отворање политички дијалог во Парламентот и заедничка соработка околу евроинтеграциите ќе значи влегување на Северна Македонија во следната фаза од процесот. Северна Македонија има капацитет и сме убедени дека сега се неопходни напредок и опипливи резултати кога станува збор за спроведувањето на реформскиот план и клучните области како владеење на правото, судството и борбата против корупцијата“,
посочил Маричиќ.

Денеска Маричиќ во Брисел се сретнал и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој уште еднаш ја потврдил поддршката што Северна Македонија ја има од европските партнери.
„Успешно и брзо да ги направиме реформите, беше едно од барањата на еврокомесарот и со политичкото обединување околу евроинтегративниот процес и успешните уставни измени да ја загарантираме европската перспектива на Северна Македонија. Да го задржиме темпото на скрининг како и досега и да го искористиме овој дел од преговорите за да подготвиме темелен реформски план кој за кратко време ќе ги исполни очекувањата и на ЕУ и на македонските граѓани“,
посочува Маричиќ.
Со еврокомесарот за проширување Вархеји, Маричиќ нагласува дека зборувале и за актуелните политички случувања, како и за справувањето со енергетската криза.
Денеска во Брисел, Маричиќ ќе се сретне со новиот генерален директор на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.
