Ковачевски вели дека уставните измени се една од одлуките кои С Македонија треба да ги донесе до полноправното членство во ЕУ и тоа не е процес од еден ден и не е процес што се повторува
Доколку на принципите на исти вредности и програми има политички партии што сакаат да се придружат во оваа европска коалиција, тогаш и другите лидери на политички партии кажаа дека вратите се отворени, рече премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи да новинарско прашање до каде е проширувањето на владиното мнозинство и дали се надминати недоразбирањата меѓу некои од албанските политички партии.
„Нема никакви недоразбирања. Ова е политичка коалиција која дели исти вредности, не на база на убедување, туку на база на вредности и програми. Има редовни состаноци со сите коалициски партнери. Имав средба со парламентарните, а во текот на наредните денови ќе имам и со вонпарламентарните партии кои се дел од нашата коалиција. Разговараме за сработеното во 2022 година, плановите за 2023 година, како и принципите за придвижување на нови партнери. Доколку на основа на тие принципи и вредности има политички партии кои сакаат да се придружат во оваа европска коалиција тогаш и другите лидери на политички партии кажаа дека вратите се отворени. Меѓутоа не се работи за никакви убедувања и други активности, освен на разговор базиран на принципи и вредности“,
рече Ковачевски.
Во однос на тоа дали има обезбедено 80 пратеници за уставни измени, Ковачевски рече дека уставните измени се една од одлуките кои С Македонија треба да ги донесе до полноправното членство во ЕУ и тоа не е процес од еден ден и не е процес кој се повторува.
„Процесот на пристапување во ЕУ е единствен процес, се прави еднаш и еднаш се влегува во ЕУ. Обврска на сите пратеници во Собранието е да го поддржат и да не го стопираат патот во ЕУ бидејќи тоа значи градење на попросперитетна и поразвиена С Македонија. Од тие причини и врз основа на тие претпоставки тоа не е процес ниту на еден човек ниту на една политичка партија ниту на една Влада. Тоа е широк општествен и политички процес кој бара консензус“,
нагласи Ковачевски.
Премиерот уште еднаш нагласи дека во моментов во државата имаме политичка уцена каде две политички партии велат ние не поддржуваме уставни измени.
„Зошто? Нема одговор зошто нема алтернатива. Кога нешто не поддржувате треба да имате алтернатива. Кога ќе прашате кој ви е планот- немаат план“,
рече Ковачевски.
Дали Алијанса за Албанците ќе влезе во власта или ќе остане во опозиција, неофицијално ќе биде појасно до крајот на неделава. Лидерот на АА, Арбен Таравари најави дека во петок е закажан состанок со централното претседателство на партијата каде ќе се носат финалните одлуки.
Но, Таравари најави дека без разлика дали ќе бидат дел од владината коалиција или ќе останат во опозиција тие ќе гласаат за уставните измени.
„Имаме пакет на мерки кои ги презентиравме пред јавноста, пред другите политички партии, пред меѓународниот фактор и пред невладините организации и тоа ќе биде нашиот услов за борба против корупцијата и функционирање на правна држава за да ги изгласаме уставните промени“,
вели Таравари.