Откако ќе заврши скрининг-процесот, се добива извештај кој ги содржи критериумите според кои државата пристапува во ЕУ. Значи, ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со ЕУ. Еден од основите услови за приклучување кон ЕУ се добрососедски односи, а тоа значи институциите да комуницираат на начин кој е достоинствен и да има функционална комуникација меѓу двете држави, рече Ковачевски
По најавите на бугарскиот претседател Румен Радев дека Бугарија ќе ги активира сите европски механизми за да се спречи антибугарската омраза и хистерија во С Македонија, денеска премиерот Димитар Ковачевски рече дека што се однесува до преговорите со ЕУ ние ги имаме отпочнато, скринингот трае и тоа се преговори со ЕУ каде што точно се наведени критериумите за секоја држава што се придружила и за сите што ќе се придружат, вклучувајќи ја и нашата држава, во однос на спроведувањето на критериумите вклучувајќи ги и малцинските права.
За тоа дали препознава ново вето од Бугарија по овие изјави на Радев, Ковачевски вели дека процесот на пристапување во ЕУ е дефиниран во преговарачката рамка.
„Откако ќе заврши скрининг-процесот, се добива извештај кој ги содржи критериумите според кои државата пристапува во ЕУ. Значи, ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со ЕУ. Еден од основите услови за приклучување кон ЕУ се добрососедски односи, а тоа значи институциите да комуницираат на начин кој е достоинствен и да има функционална комуникација меѓу двете држави. Сите оние што не сакаат да ја видат С Македонија како членка на ЕУ и прават провокации, ги прават од тие причини. Такви има во нашата држава, меѓутоа такви има и во Бугарија“,
нагласи Ковачевски.
Премиерот додава дека С Македонија има изградено механизми на највисоко ниво во Европа.
„Како држава сме изградиле механизми на највисоко ниво во Европа, не верувам дека во Европа постои држава која ги има изградено механизмите како институционални, така законски и процедурални во однос на заштитата на правата на помалите заедници и унапредувањето на нивните права и како такви сме позитивен пример. Тоа значи дека секој граѓанин, без разлика на неговата припадност по било која основа ги ужива истите права“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за вчерашната изјава на Радев.
Ковачевски, исто така, ги осуди сите оние што шират немир, прават провокации, со цел тие односи да се нарушат.
„Министерството за внатрешни работи и сите други институции во државата кои се дел од правосудниот систем треба да постапуваат согласно закон за сите оние што ги шират провокациите и кои сакаат да ги нарушат односите во државата и меѓу државите во регионот. Тоа се однесува на наши граѓани, меѓутоа се однесува исто така и на граѓани кои од странство сакаат да дојдат во државата и да го прават тоа без разлика од која држава доаѓаат“,
додаде Ковачевски.
Премиерот додаде дека нашата држава ќе спречи и ќе ги искористи сите механизми на системот за такво нешто да не се случува во иднина од лице без разлика од која држава доаѓа бидејќи, како што рече, достоинството на државата и на граѓаните е врвен приоритет на оваа влада.
Претседателот на Бугарија вчера ја коментираше одлуката на својот македонски колега Стево Пендаровски да им забрани влез во државава на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица – државјани на Бугарија поради дејствија што претходно ги презеле и сè уште ги преземаат против нашата држава. Радев за ова рече дека ќе се активираат сите европски механизми, за да заврши, како што вели антибугарската омраза и хистерија.
„Сега разбирате зошто се борев за правата на македонските Бугари толку многу за да бидат заштитени во Уставот на Република Северна Македонија и ова треба да биде предуслов за започнување на преговорите. Значи, Република Северна Македонија не започна со преговори. Сè уште не ја имаат отворено вратата на просторијата каде се водат овие преговори. Очекувам да докажат институциите на Република Северна Македонија, не само дека не се дел од анти -бугарската кампања, ова веќе не е доволно, крајно време е тие да докажат дека активно се борат против оваа кампања. Во нашиот случај, бидете сигурни дека ќе бидат активирани сите европски механизми, така што ќе може да се заврши оваа антибугарска омраза и хистерија“,
рече Радев.