За платите на наставниците, пак, министерот рече дека лани имало рекордно покачување на платите од 15 отсто, а оти во моментов со синдикатите се разговара и за донесување нов колективен договор
На почетокот на второто полугодие, кое почнува утре, учениците од второ одделение ќе ги добијат учебниците по математика и општество, најави денеска министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Тој уверува и дека годинава ќе има учебниците за странски јазици за основците и средношколците, како дел од учебниците за средно гимназиско образование, а речиси сите учебници за средно стручно ќе бидат достапни и во електронска форма.
„Министерството за образование и наука со оглед на предизвиците со учебниците што се појавија, утврди дека има потреба од нов подобар Закон за учебници, со кои ќе се минимизираат можностите за грешки, доцнење и слични проблеми и убеден сум дека следниот септември дел од проблемите што се појавија ќе бидат минато и нема да се повторат. Иако МОН не е дел од процесот на одобрување на учебници, ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ги активираме сите можни механизми, довербата на граѓаните да биде уште поголема“,
рече Шаќири, пренесе МИА.
Во однос на платите на наставниот кадар во школите, пак, министерот рече дека лани имало рекордно покачување на платите од 15 отсто, а оти во моментов со синдикатите се разговара и за донесување нов колективен договор.
„Ценам дека трудот на наставниците сè уште е недоволно награден, со оглед и на инфлацијата, па така ние и во моментов разговараме со синдикатите и бараме решение за нов колективен договор, со кој ќе се покачат платите во образованието“,
рече Шаќири.