Коментирајќи ги предлог-мерките на СДСМ за намалување на последиците врз економијата од коронавирусот, кои предизвикаа реакции во јавноста бидејќи, меѓу другото, предвидуваат административците и функционерите два месеца да земаат минимална плата, лидерот на партијата Зоран Заев во интервју на „Утрински брифинг“ вели дека тоа е само предлог, што не значи дека ќе биде прифатен од Владата.
„Владата треба да ги слушне мислењата на сите партии и на експертите, а ние треба да се поставиме одговорно, онака како што ни личи. Затоа јас излегов да соопштам мерки во кои, покрај поддршка за економијата, има и онакви мерки што значат штедење. Владата веќе дискутира и можеби нешто нема да биде прифатливо. Владата е таа што треба да направи математики и да види што е прифатливо, а што не“,
изјави Заев.
Заев вели дека отпорот кај дел од политичките партии за овие мерки е резултат на политичари кои, како што рече, калкулираат само со гласови.
„Жалам што дебатата отиде на предлогот за кратење на платите на административците и функционерите. Главниот пакет мерки беше како да се помогне на економијата, ова кратење е одговорниот втор чекор што државата мора да го направи. Првиот чекор е кратење на непродуктивните трошоци кои нема да ја загрозат јавната и приватната потрошувачка, а вториот чекор е заштедата преку огромните трошоци кои одат за плати. Верувам дека ако овие мерки се прифатат, поорганизрано ќе успееме да се справиме со кризата. Граѓаните треба да знаат дека приходите на државата паднаа драстично и дека ќе фалат најмалку 60 проценти од приходите“, изјави Заев.
Лидерот на СДСМ порача дека најголем дел од товарот треба да понесат најбогатите и тие да бидат оние што најмногу ќе учествуваат во враќањето на кредитите.
На прес-конференција подоцна уште еднаш потенцираше дека големите кредити веќе ги повлекле големите земји и дека новото задолжување од 600 милиони евра нема да го покрие буџетскиот дефицит, па затоа порача дека мора рамномерно да се подели товарот.