Од МОН уште еднаш ги повикаа училиштата кои ја немаат искористено поволноста за снабдување со субвенционирана струја, да ја реализираат оваа можност
Второто полугодие од учебната година продолжува на 23 јануари, соопштуваат од Министерството за образование и наука.
„Со одлука на Владата, на предлог на Министерството, второто полугодие од учебната 2022/23 година наместо на 18 јануари почнува на 23 јануари (понеделник), со физичко присуство за сите ученици. Зимскиот распуст е продолжен поради заштита на здравјето на учениците и заштеда на електрична енергија за греење“,
велат од МОН.
Оттаму уште еднаш ги повикаа училиштата кои ја немаат искористено поволноста за снабдување со субвенционирана струја, да ја реализираат оваа можност.
„Со оглед на тоа што дел од јавните основни и средни училишта сè уште ја немаат искористено поволноста за снабдување со субвенционирана електрична енергија, апелираме до раководствата на образовните установи и општините како нивни основачи, да ја реализираат оваа можност. Со тоа, училиштата ќе ги намалат трошоците за електрична енергија и ќе се овозможи непречено одржување на настава со физичко присуство до крајот на учебната година“,
информираат од МОН и додаваат посочуваат дека одговорноста на секој чинител во реализацијата на воспитно-образовниот процес придонесува за повисок квалитет на образованието.
Од Владата, кога се донесе оваа мерка, минатата година, рекоа дека мерката за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават-час е голема поддршка за непречено организирање на наставата со физичко присуство во училниците.