Лидерот на ДУИ, како што пренесе ТВ 21, синоќа во дел од својот говор на партиската трибина во гостиварско Чегране порачал „ВМРО-ДПМНЕ да не сонува дека ќе направи 61 пратеник со Левица“
За нова влада не одлучува Ахмети туку народот на избори, затоа толку се плашат и бегаат од соочување, се вели во реакцијата на членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Драган Ковачки на изјава на лидерот на ДУИ за време на неговиот говор на вчерашната партиска трибина во гостиварско Чегране.

Имено, како што синоќа пренесе ТВ 21, Ахмети во дел од својот говор порачал ВМРО-ДПМНЕ „да не сонува дека ќе направи 61 пратеник со Левица“.
„Длабоко сум убеден и верувам во дефинирањето на главните политички партии, кои имаат прозападна ориентација. ВМРО-ДПМНЕ греши ако мисли дека со Левица ќе направи мнозинство со 61 пратеник и да ја марганилизира ДУИ, наводно нивната единствена пречка. Прават многу грешки и нека не сонуваат за такво нешто“,
рекол Ахмети.
Ковачки во реакцијата вели дека правилото на коалцирање на победник со победник не важи и затоа стравот на ДУИ е се поголем.
„Али Ахмети вчера вели ВМРО да не сонува за создавање мнозинство со Левица. Но, Ахмети треба да знае 3 работи: 1. За нова влада не одлучува Ахмети туку народот на избори. Власта ја дава и зема само народот на избори, затоа толку многу се плашат и бегаат од соочување со народот. 2. Правилото на коалицирање на победник со победник не важи и никаде не е запишано, па стравот на ДУИ од ортачките криминали со СДС затоа им е се поголем. 3. Добро е што со ваквите изјави си ги откриваат спотерите и асовите во политиката, но ВМРО оваа влада ќе ја сруши заедно со народот“,
вели Ковачки во реакцијата објавена на неговиот фејсбук-профил, додавајќи дека ортачкиот криминал, значи и ортачка одговорност, веднаш по падот на оваа најкриминална влада.
Пратеникот одговара и на повикот на Ахмети за создавање на сојуз за Европа, со цел да се заврши домашната задача поврзана со уставните измени, како услов за продолжување на евроинтегративните процеси.
„Што се однесува до мантрата дека Ахмети ќе создавал сојуз за Европа, на сите им е јасно дека е создаден сојузот за Европа. Оваа влада на ДУИ (во која Ковачевски е статист), е најодговорна за секојдневните масовни иселувања од Македонија токму во Европа. Нашите идни генерации Македонци, Албанци, Срби, Роми, Власи итн. ќе бидат жители и ќе имаат европска иднина во некоја од европските држави благодарејќи на “успешните” европскиполитики на ДУИ и СДС“,
вели Ковачки.
Поради тие европски политики на Ахмети и неговиот слуга Ковачевски, потенцира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, само 13 отсто од граѓаните на Македонија сметаат дека државата ни се движи во правилна насока, а рекордни 53 отсто од граѓаните сметаат дека квалитетот на живот им назадувал.
„Довербата во правосудството е само три отсто, односно четири што значи дека граѓаните не веруваат дека живеат во правна и праведна држава. Имаме катастрофална економија (последни сме по раст), втори сме по мизерија во Европа. Подобра инспирација од овие бројки за да нашите граѓани се иселат во Европа нема. Ахмети и Ковачевски секоја година се во трка со бројките, кои поради овие европски политики се поразителни за македонската држава и нејзините граѓани“,
подвлекува Ковачки во својата реакција.