„Овде сме како претставници на Руската православна црква за да ги искажеме честитки за неговиот именден кој беше пред неколку дена. Донесовме братски пораки и поздрави од нашиот патријарх“, рече рускиот владика Антониј по средбата со поглаварот на МПЦ-ОА
Рускиот митрополит Антониј, задолжен за меѓународните односи на Руската православна црква (РПЦ), денеска за време на неговата посета на Скопје оствари средба со поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, во седиштето на Архиепископијата.
Митрополитот Антониј беше придружуван од неговиот заменик Николај Балашов и од рускиот амбасадор во земјава Сергеј Бездникин, а беше пречекан од членови на Синодот на МПЦ-ОА.
Во куса изјава за ТВ Сител, рускиот митрополит рече дека дошол во Скопје за лично да му го честита именденот на г.г. Стефан кој беше на 9 јануари.
„Овде сме како претставници на Руската православна црква за да ги искажеме честитки за неговиот именден кој беше пред неколку дена. Донесовме братски пораки и поздрави од нашиот патријарх“,
рече владиката Антониј.
Тој посочил дека РПЦ била првата црква која ја препознала нашата црква за православна и додал оти се радува за автокефалноста на МПЦ-ОА.
Кратка изјава за медиумите денеска даде и портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, кој кажа дека средбата била пријателска, но не откри за што точно станало збор на неа. Тој негираше дека средбата била тајна, иако за неа официјално не објавија ниту нашата ниту, пак, руската црква, а за посетата се дозна од бугарските медиуми.
„Ова е прва негова посета на МПЦ-ОА откако РПЦ не призна какао автокефална црква. Ова е посета за која од страна на рускиот патријарх е задолжен да му го честита именденот на нашиот поглавар. Сето тоа беше еден пријателски разговор околу признавањето на МПЦ-ОА од страна на РПЦ и за понатамошна соработка“,
изјави владиката Тимотеј.
Прашан дали на средбата се разговарало за томосот што се очекува од Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј одговори одречно.
По средбата, рускиот митрополит и поглаварот македонски и охридски г.г. Стефан заедно го посетија Соборниот храм „Св. Климент Охридски“.

Утре, пак, предвидено е г.г. Стефан и митрополитот Антониј заеднички да сослужуваат на архијерејска литургија во Лесновскиот манастир.
Посетата на рускиот митрополит Антониј се случува во време кога МПЦ-ОА го очекува томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност.