Во иднина годишно во Германија ќе можат да се вработат до 50.000 луѓе од С. Македонија и регионот, дури и ако немаат стручни квалификации. На земјата ѝ недостига работна сила во речиси сите области.
Германските власти планираат да ја удвојат квотата за доселување на неквалификувани работници од Северна Македонија и соседството, пишува во предлог-законот кој го има на увид германската новинска агенција ДПА, објави Дојче веле.
Станува збор за таканареченото „Западно балканско правило“, кое овозможува повластен пристап до германскиот пазар на труд за државјани од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.
Според важечките закони, можно е доселување на стручна работна сила од цел свет. Единствено луѓето од Балкан можат да добијат работа и работна виза дури и ако работат вон струката или без стручни квалификации.
Набрзо полесно ќе се добива и германско државјанство. Германското Министерство за внатрешни работи подготви нови правила за добивање на државјанство, според кои странците кои живеат во Германија повеќе нема да треба да се откажуваат од пасошите за да добијат германско државјанство и ќе можат да аплицираат по пет години престој.
Во промените спаѓа и т.н. „карта со шанси за барање работа“, односно можност луѓето едноставно да се доселат во Германија и дури тогаш, на лице место, да бараат работа. За тоа време имаат право да работат со половина работно време вон струката, за да заработат за живот.
„Картата со шанси за барање работа” би требало да се доделува, според нов систем на бодирање, на секој кој ќе собере шест поени.
Четири бода донесува одредена стручна квалификација, три бода носи добро познавање на германскиот јазик или три години работно искуство, два поени се добиваат ако лицето е помладо од 35 години, а еден ако порано барем шест месеци легално престојувало во Германија.
Германија ја мачат демографски промени и голем број испразнети работни места.